Ковачевски во УНЕСКО: РС Македонија е мултикултурна реткост и придонесува во мултилатерализмот

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во рамки на официјалната посета на УНЕСКО, се обрати на маргините на 42-та Генерална конференција на Организацијата, што се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз.

Премиерот Ковачевски е прв премиер од Република Северна Македонија што се обрати во УНЕСКО, по 30-годишното членство на нашата држава во Организацијата на ОН за образование, наука и култура.

 

 

“Сакам да му се заблагодарам на УНЕСКО за поддршката на многубројни проекти, активности и ресурси важни за нашето мултикултурно општество, за нашето природно и културно наследство, за македонскиот јазик и за другите јазици кои што се зборуваат во Северна Македонија. Затоа што мојата земја е „срцето на балканскиот јазичен контакт“, како што забележа светски познатиот лингвист, проф. Виктор Фридман. Би сакал да истакнам дека нашата соработка со УНЕСКО датира од 1979-та и 1980-та година, кога нашиот бисер, Охридскиот регион, влезе под закрилата на УНЕСКО. И, денес со гордост го вбројуваме меѓу едно од вкупно 39-те културни и природни наследства во светот. Ова за нас значи континуитет, богатство, но и обврска да го чуваме. 

Охридскиот регион е магичен сплет на природа, историја, религија, уметност и писменост. Во него ќе најдете преку 2500 квадратни метри фрески на византиската уметност во која учествувале и локални македонски мајстори; над 800 скапоцени икони создавани меѓу 11-от и 14-от век; антички мозаици, османлиски џамии; колекции на старословенски, византиски и османлиски ракописи, и што многу работи! И сето тоа расположено околу едно од најстарите и најубави езера во Европа, кое во себе крие голем број ендемски и ретки слатководни видови флора и фауна. Оттука, наш императив е да го одржиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО. И, заедно со Албанија да бидеме пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова, и заедничко, и универзално добро.

На 45-та сесија која се одржа во септември, Комитетот на УНЕСКО за светско наследство го разгледа Извештајот за состојбата со заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и донесе Одлука со која Комитетот ги уважи нашите заеднички напори, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство. Беа поздравени напорите кои двете земји ги прават во насока на намалување на факторите кои негативно влијаат на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион.

Изминативе 78 години, УНЕСКО придонесе за градење на култура на мир, за искоренување на сиромаштијата, за одржливиот развој и особено за меѓукултурниот дијалог.

Принципите на кои Северна Македонија ја води својата надворешна политика се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување на мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различностите во демократските процеси, заштита и унапредување на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи.

РС Македонија, ќе продолжи да биде активна во зајакнување на мултилатерализмот, во сите меѓународни организации каде што членува, а посебно во УНЕСКО. Ќе продолжиме да покажуваме дека од корисник на безбедносни аранжмани пред триесет години, сега сме генератор на безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко, и промотор на културата на дијалог, изјави премиерот Ковачевски во УНЕСКО.