Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, остро се противел на идејата за европски санкции за Македонија на вчерашниот Совет на министри за надворешни работи на ЕУ.
Според Коѕиас, ЕУ нема да ѝ помогне на Македонија преку санкциите и јавните притисоци, туку со дејствување преку подипломатски канали и во насока на развивање на култура на компромиси, демократски дијалог и демократија во работењето на медиумите.
Коѕиас во изјавите за новинарите по завршувањето на состанокот истакна дека недостигот од демократија и од способност за компромиси, а не грчкото вето и барање да се реши спорот за името, е главна пречка за почеток на пристапните преговори за Македонија.
Пред неговите европски колеги говорел дека одредени европски партнери ја имаат разгалено Македонија, правејќи ја власта неспособна да направи компромиси и дома и со нејзините соседи.
– Поради начинот на кој јa третираат Европејците, Владата не научи да прави компромиси и главните проблеми што ги имаме денес се да помогнеме да се создаде култура на компромиси. Второ, да помогнеме во развој на демократијата, особено да придонесеме да има регуларен гласачки список и демократско функционирање на медиумите. Трето, не треба да се размислува за санкции. Јас и општо грчката влада сме против систем на санкции и во случајот на БЈРМ нема да дозволиме санкции. Вистинските пријатели кои се грижат за стабилноста на оваа држава се држави како Грција и Бугарија и повторив дека создавањето на оваа држава е реален факт на кој треба позитивно да се гледа. Меѓутоа името што го има и иредентизмот се негативни елементи – изјави Коѕиас.
Грчкиот министер предложил Европската Унија да ги намали јавните притисоци врз владата во Македонија и да помага и да дејствува преку дипломатски канали.
– Треба помалку да зборуваме за внатрешните проблеми на БЈРМ, да ѝ помогнеме на сите дипломатски начини и можности, преку дипломатски канали и да не се појавуваме постојано јавно да ја притискаме владата на БЈРМ да се движи во една или друга насока. Колку и да се повикуваш на демократија, кога притискаш, тоа може да се сфати како недемократско однесување или да роди непријателски чувства кон демократијата – истакна шефот на грчката дипломатијата.
Според Коѕиас, ЕУ треба да внимава и на фактот дека и Македонија и државите од Западен Балкан не ги запазуваат принципите на добрососедско однесување, напротив на грчки идеи и предлози одговараат, наместо со добрососедство, со националистичко однесување кое може да влијае сериозно на нивната перспектива за членство во ЕУ.