Креирање поволен деловен амбиент со фокус на инфраструктура и подобра законска регулатива

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим одржаа онлајн состанок со претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески и со Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство во рамките на Советот на странски инвеститори при Комората, чиј претседател е Виктор Мизо.

 

 

На состанокот се дискутираше за приоритетните прашања на странските инвеститори во неколку области во делот на законска регулатива, царински стапки, инфраструктура, даночни политики, работни односи, дигитализација како и останати прашања во насока на подобрување на деловната клима и на секојдневното работење.

Премиерот Заев истакна дека за Владата од голема важност е зголемување на довербата на инвеститорите, отпочнување на нови инвестиции, поттикнување на извозот, зајакнување на човечкиот капитал,  а со тоа и подобрување на севкупниот економски раст во државата.  За таа цел се преземаат мерки за ублажување на ефектите од пандемијата на краток рок, како и планирање за економски раст на среден и долг рок.

Претседателот на Стопанска комора, Азески осврнувајќи се на соработката со Владата потенцира на заедничката посветеност за навремена имплементација на антикризните мерки за ублажување на ефектите од пандемијата и подобрување на ликвидноста на реалниот сектор.

Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата покрај тековните предизвици ја искажа важноста од системско решавање на истите, како неодамнешното потпишување на договорот на Владата за слободна трговија со Обединетото Кралство кој ќе почне да се применува од 01.01.2021 година.  Истото е од голема важност за компаниите кои соработуваат со Обединетото кралство, односно домашните компании кои се извозно ориентирани, а кои одредени репроматеријали и полупроизводи увезуваат од Велика Британија.

На состанокот, секој во својот домен, дискутираа и министерот за економија Крешник Бектеши, заменик -министерот за финансии Димитар Ковачевски, директорот на Царинската Управа Ѓоко Танасоски, како и директорите на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски и на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески.

Во поглед на подобрување на условите за работа, неодамна, Владата донесе одлука за намалување на увозните давачки – царинските стапки на одделни производи и компоненти потребни за производство на технолошко напредни производи.

Со оваа одлука се прифати во период од една година да се намалат на ниво на царинските стапки кои се применуваат при увоз на овие производи во земјите членки на Европската Унија. Целта е да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи.