Кремљ: Нема позитивен развој во односите меѓу Русија и САД

Сподели

Портпаролот на Кремљ истакна дека за време на состанокот во Москва, постигната e согласност за потребата за одржување на дијалогот, со цел да се најде решение, но додаде дека не станало збор за можноста за средба меѓу Путин и Трамп

Средбата на претседателот на Русија, Владимир Путин, со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон во Москва не даде позитивен развој на односите меѓу Русија и САД, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Anadolu Agency (AA).

Песков изјави дека рускиот претседател на Тилерсон му ги претставил своите ставови за причината за сегашниот застој во билатералните односи меѓу двете земји

Портпаролот на Кремљ истакна дека за време на состанокот во Москва е постигната согласност за потребата за одржување на дијалогот, со цел да се најде решение, но додаде дека не станало збор за можноста за средба меѓу Путин и Трамп.

На прашањето дали средбата во Кремљ резултираше со некои позитивни поместувања, Песков, изјави дека е премногу рано за тоа.

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, по средбата со својот американски колега рече дека неговата земја, и покрај сите тековни проблеми со САД, е подготвена за конструктивна соработка на секое ниво.

„Времето што ние го одвоивме за разговор не помина напразно, очекуваме и САД да направат чекори во оваа насока“, рече Лавров.

Односите меѓу Москва и Вашингтон се затегнати откако САД во петокот истрела проектили на сириската воена база од која, според американските официјални претставници, претходно се изведени смртоносните напади со хемиско оружје врз цивилите во Идлиб, при што загинаа повеќе од 100 луѓе.

Трамп истакна дека е можно Русија да знаела однапред за нападот со хемиско оружје во Идлиб, и додаде дека односите меѓу Русија со САД паднаа на најниско ниво досега.