Попладнето кога лидерот на ДПМНЕ на прес конференција плачливо го коментираше барањето на СЈО за негово притворање, се присетив на неговиот телефонски разговор со министерот Миле Јанакиевски во кој што садистички ги опишуваше помочаните ногавици на сопственикот на ФОН, Фиат Цаноски. Можеби претерувам, но, во тој момент ми се причини и дека малото диктаторче Николче, како што го ословуваше неговиот поранешен соборец Љубе Бошкоски, има сериозни проблеми со своите измокрени гаќи: тешко и отсутно го читаше конфузното писание склепано од Мартин Протуѓер, настојувајќи што побрзо да ја напушти салата во која хор од преплашени партиски криминалци напрегнато чекаа некакво охрабрување од својот водач, дека можеби со помош на сваровското судство ќе успеат да го избегнат засуканиот меч на правдата.
Ситниот политикант, кој што сакаше да влезе во историјата со разни политички трикови и злоупотреби на власта идентификувајќи ја својата партија со државата и народот, а себеси со неа, свесен за неминовниот крај повторно се обиде ДПМНЕ и нејзиното членство да ги употреби како штит за спас на својата кожа. Притоа рече дека одлуката на СЈО била политичка нарачка и дека со неа била нападната партијата и политиката што го бранела идентитетот и суверинитетот на македонската држава. Според тоа, требало со сите сили средства да се одбрани таа политка, сметајќи веројатно дека корупцијата, криминалот, државниот грабеж, националното обезличување, политичките прогони, кршењето на Законот и Уставот се нејзините најголеми вредности кои што се загрозени и мора да се бранат.
Иако на Груевски му стана одамна јасно дека не СЈО, туку демократското граѓанство изборно му пресуди на неговиот режим и неговата политика, определувајќи се за коренито реформирање на државата што тој ја обезглави, кутриот повеќе немаше поинаков избор освен папагалски да повторува и да се теши дека новата влада ќе биде со краток век и дека наскоро тој повторно ќе седне на престолот. Психијатрите појаснуваат дека вакви самозамајувања се карактеристични за закоравени властодршци, кои што по претрпените политички дебакли живеат со илузии дека биле омилени кај народот и станале жртви на неправедни обвинувања. Дури и пред самата смрт, осамени и напуштени од сите, вклучувајќи ги и најблиските соработници со кои што управувале, тие се убедени дека нивното време се уште не поминало.
Себичен, зол, подол, сурово осветољубив кон политичките противници, се додека го имаше камшикот на власта во свои раце Груевски создаваше претстава за себе на решителен, храбар и бескомпромисен политичар кој што наводно се бори за националните и државни интереси и за добробитта на својот народ. Меѓутоа, по смената на власта, соочен со куп обвиненија за извршени тешки кривични дела, во обид да издејствува каква-таква милост и прошка кај меѓународната заедница да се спречи негов кривичен прогон, преку ноќ се преобрази во лик од скечовите на Мара Попара, познат како ”вртиопаш”: Заборави на странските служби и заговори, на албанските орловски канџи и тирански Платформи, на сосросоидите и домашните платеници, на велепредавството на Заев, одглумувајќи проевропска персона, бесрамно од новиот премиер побара веднаш да отпочне преговори за прием во ЕУ и НАТО, веднаш да отпочнат внатрешни демократски реформи, да сопре партизацијата во државата, да се обезбеди слобода и независност на медиумите, да нема мешање во работата на судството и полицијата…
Да читаш и да не веруваш на своите очи: џелатот на македонската демократија проповеда нејзин воскрес! Поголемо лицемерие, здравје! Но, откако сфати дека е прочитан како селски буквар и дека тие негови евтини финти повеќе не поминуваат, најмалку кај тимот на Катица Јанева, плачкото што сонуваше да стане диктатор одново повика на народен бунт: Спасете нѐ од Шутка, спасете ја ДПМНЕ од распад, без нас државата ќе ја снема!
Од плоштадот Македонија допират звуци на зурли и тапани. Каква ли тоа слава таму се празнува?