Кристи Пују и Дамјан Козоле гости на „Синедејс“

Сподели

sieranevada_i_nightlife-702x336

Едни од најреномираните претставници на романската и на словенечката кинематографија ќе бидат гости на фестивалот „Синедејс“ и пред македонската публика лично ќе ги претстават своите најнови филмови, во кои како копродуцент се јавува продуцентската куќа „Сестри и брат Митевски“.

Кристи Пују од Букурешт во Скопје ќе пристигне на 11 ноември, а од Љубљана на 12 ноември ќе допатува Дамјан Козоле. Кристи Пују е првпат во Македонија и ќе го претставува својот последен филм „Сиера Невада“, копродукција меѓу Романија, Франција, БиХ, Хрватска и Македонија. Филмот беше прикажан на Канскиот филмски фестивал каде доби ласкави критики во најважните светски медиуми.

Неодамна, на 52-от Филмски фестивал во Чикаго, филмот ја доби главната награда за најдобар филм „Златен Хуго“, како и „Сребрен Хуго“ за режија. Филмот, во многу силна конкуренција е избран за романски кандидат за Оскар за 2016 година.

Проекцијата на „Сиера Невада“ е закажана на 11 ноември од 20 часот во кино „Милениум“.

Дамјан Козоле доаѓа за македонската премиера на својот најнов филм „Ноќен живот“, копродукција меѓу Словенија, БиХ и Македонија. Филмот беше прикажан во главната програма на престижниот фестивал во Карлови Вари каде го освои Кристалниот глобус за режија и симпатиите на критиката и публиката.

Во филмот учествува голема македонска екипа, пред сè актерот Петар Арсовски, потоа Иво Трајков како монтажер, Мојца Горогранц Петрушевска – шминка, користена е и музика од Сашко Костов, сцецијалните ефекти во 3XFX студиото, асистент на камера е Маријан Боцевски, асистент на сценографијата е Бобан Петрушевски, дел од звукот е работен во Аудиохаус од Игор Поповски.

„Ноќен живот“ ќе биде прикажан на 12 ноември од 21 часот во киното „Фросина“.

radiomof.mk