Директорот на МРТ Марјан Цветковски е кривично пријавен под сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување.
Како што информираат од МВР, Цветковски се товари дека во 2016 година платил повисока цена за електронско мерење на гледаноста на јавниот. Покрај Цветковски, кривичната пријава се однесува и на Г.С кој бил застапник на фирмата „Аналитика“ која требала да го спроведе мерењето.
Од МВР појаснуваат дека директорот Цветковски, и покрај укажувањата од Комисијата за јавни набавки на МРТ дека треба да се прифати намалената единечна месечна цена од 1.400 евра што ја понудила „Аналитика“ наместо почетната единечна месечна цена од 2 800 евра, сепак склучил спогодба за јавната набавка по дупло повисоката цена.
„Со ваквите дејствија М.Ц. и Г.С. го оштетиле буџетот на Јавното претпријатие МРТ Скопје во вкупен износ од 20 илајди евра со Пресметан ДДВ, а од друга страна прибавиле противправна имотна корист за правното лице во износ од 17 илјади евра“ – се наведува во соопштението на МВР.
Цветковски вели дека е изненаден од од кривичната пријава, но не сака да верува дека таа е темпирана токму сега поради неговиот повторен реизбор да го води јавниот сервис.
„Сакам да истакнам дека немам никаква кривична вина ниту пак кривична одговорност за ситуациите кои се посочени, и смирено и подготвен со аргументи и факти ја очекувам постапката во која сум убеден дека ќе се потврди она што го истакнувам, а тоа е дека во рамките на мојот мандат во МРТВ се работело и ќе се работи согласно законот“ – вели Цветковски во својот допис до медиумите.
Цветковски додава дека МРТ е сериозен и гломазен систем и дека во секоја постапка учествуваат голем број на служби. За споменатиот договор за кој е кривично пријавен вели дека се води судски спор и дека договорот не е исплатен во целост.
Програмскиот совет неодамна го реизбра Марјан Цветсковски за директор на МРТВ, што предизвика бурни реакции од медиумската фела и Здружението на новинари на Македонија. Од Владата се оградија од оваа одлука и рекоа дека Цветковски ќе биде сменет веднаш по усвојувањето на законот за медиуми. Според законот, предвидено е собранието со двотретинско мнозинство да го избира програмскиот Совет на МРТВ кој поставува директор на јавниот сервис, што би значело дека за членовите ќе треба да гласа и опозицијата.