Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потенцираше дека Министерството за внатрешни работи, во соработка со надлежното Јавно обвинителство, ја заврши првата фаза во постапувањето во врска со кривично-правниот настан со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 59 лица, а има над 160 повредени.
„Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ“, соопшти министерот Тошковски.
Министерот Тошковски истакна дека се работи со обемен материјал 24 часа на ден, под огромен притисок и со сите очи на јавноста вперени во истрагата.
„Но, не смееме да брзаме. Затоа што половична правда е неправда. Неправда е и ако осомничиме невини поради гнев, но исто така е неправда и ако не понесат одговорност оние за кои постојат основани докази. Нашата задача е јасна – целосна и правична одговорност, без исклучоци и без компромиси“, потенцираше министерот Тошковски.
