Кривичниот суд во Скопје попладнево информираше дека ги примил сите обвиненија што денеска ги поднесе Специјалното јавно обвинителство.
Како што соопштија оттаму, предметите под имињата „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“ преку системот за автоматска распределба се доделени кај судијата Моника Бахчовановска.
Предметите кои се во надлежност на Оддлението за организиран криминал исто така преку автоматска распределба, се доделени на судиите Лидија Петровска, која ќе постапува по предметот „Тарифа“, кај судијата Горан Бошевски се обвиненијата за случаите „Трезор “ и „ Тенк“, кај судијата Верка Петковска предметот „Титаник 2“, кај судијата Ленка Давитковска предметот „Топлик“, кај судијата Ивица Стефановски предметот „Тендери“ и кај судијата Татјана Михајлова предметите „ТНТ“ и „Траекторија“.
Во врска со барањата за одредување на мерки за претпазливост и на мерка притвор за дел од обвинетите ќе одлучуваат судиите од кривичните совети во текот на денешниот и утрешниот ден, информираа од Основниот суд Скопје 1.