Погребот на Фидел Кастро стави крај на една ера: островот треба сега да продолжи напред на челот со Раул Кастро, без водството на човекот кој го создаде кубанскиот социјализам.
Иако се повлече во 2006, по половина век на власт, Фидел Кастро остана врховен авторитет на Куба. Во текот на 60 години, земјата практично се идентификуваше со човекот кој од многумина беше славен како револуционерен херој, а од други сметан за безмилосен диктатор.
Во неделата по неговата смрт, Кубанците беа повиани да потпишат документ со кој ќе ја покажат поддршката за „концепцијата за револуцијата“ која Кастро лично ја формулираше во 2000 година. Насоките за раководење кои тој ги предложи можат да бидат толкувани на повеќе начини во сегашниот контекст.
– Револуцијата е чувство на историски момент, таа значи промена на се на што му е потребна промена; таа значи целосна рамноправност и слобода; таа значи да бидеш третиран и да ги третираш другите како човечки суштества; таа значи да бидеме еманципирани пред сопствените цели; таа значи да им се спротивставиме на доминирачките сили во и надвор од социјалната и националната сфера, започнува текстот на документот.
Раул Кастро, кој десет години раководи со Куба и има намера да се повлече од власта во 2018 година, воведе некакви реформи најмногу во економската сфера и воведе извесно „одмрзнување“ кое доведе до воспоставување на дипломатски односи со САД.
– Можно е смртта на Фидел Кастро, кој имаше извесни резерви кон отварањето и зближувањето со САД, да ги забрза промените и да отвори простор за умерени политичари, затоа што тоа беа кочници за такви промени, рече во интервју за колумбискиот дневен весник „Ел Тиемпо“, Мајкл Шифтар, претседател на вашингтонската тинк-тенк организација Меѓуамерикански дијалог.
– Ќе има и противење од оние кои не сакаат промени и кои ќе ја покажат својата сила иако со текот на времето умерените ќе добиваат на сила и влијание во владата, вели Шифтар.
Новото политичко сценарио во САД исто може да го смени ритамот на воспоставените врски со Куба. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп веќе рече дека ќе ги укине постоечките договори ако кубанската Влада „не манифестира желба да подобар договор со кубанскиот народ, за Американците со кубанско потекло и за САД во целина“.
Мислењата по улиците на Хавана се различни, но речиси никој, без разлика дали е поддржувач на Владата или дисидент, не очекува радикални промени. Многумина се склони да ја потенцираат улогата која историскиот лидер на Куба ја играл до својот крај.
– Присуството на Фидел беше многу силно и Американците го знаеја тоа, изјави за ДПА 32-годишниот Мануел Бехрано Амејхејрас, кој ја поддржува Владата. Во тој контекст тој очекува во следните 10 години „да нема политички промени и да бидеме економски подобри“. Бехерано нема доверба во генерацијата која доаѓа на власт по историските револуционери. – Тие ги немаат истите идеали, додаде тој.
А според 16-годипниот ученик Феликс, кој беше на Плоштадот на револуцијата во Хавана за да му оддаде последна почит на Фидел Кастро, „промената треба да значи луѓето навистина да донесуваат одлуки“. – Концепцијата на револуцијата треба да биде реализирана во пракса, објаснува тој со извесна иронија.
Триесет и едногодишен маж кого го видовме во парк во хаванскиот кварт Ведадо и кој не сакаше да си го каже името, е скептичен. – Очекувам промени, уште од кога имав 11 години. Се уште чекам и за жал ја губам надежта. Многу луѓе чекаат да исчезне генерацијата на брадестите мажи (историските револуционери), рече тој.
Оние кои ги истакнуваат постигнувањата на кубанската револуција, особено во сферите на здравството и образованието, велат дека се надеваат нејзините фундаментални принципи да се зачуваат. – Социјалната праведност, солидарноста, сите хуманитарни прашања…, додава 62-годишната Мерилин Тапија.
Куба бара формула да развие успешен економски модел кој ќе и овзоможи да постои без да зависи од други земји, откако беше силно зависна од поддршката од Советскиот Сојуз, а последните години и од Венецуела.
Аналитичарот Џери Хар од вашингтонскиот „Вилсон центар“ вели дека „при сите неизвесности, некои нешта за иднината на Куба изгледаат јасни: малку е веројатно економската либерализација да донесе политички промени на Куба“.
Извор:A1on.mk