Акцијата „Лажни пророци“ е серија од протестни изведби во јавен простор на неколку песни од Блаже Конески. Активистите и уметниците ги изведуваат песните на локации кои имаат важно симболичко значење – пред простори урнисани од „проектот“ Скопје 2014, како и во Паркот на жената борец, пишува Окно.
Дел од изведбите на песните на Конески се придружени со формирање живи скулптури кои асоцираат на естетиката и симболиката на спомениците од НОБ, историски период тенденциозно запоставен изминативе десетина години.
„Живата скулптура ја носи и симболиката на отпор против сфаќањето на културата исклучиво како нешто „мртво“ и опредметено, а ја афирмира културата на „живост“, и во протестна и активистичка смисла. Блаже Конески е еден од клучните ликови на модерна Македонија, личност која има огромни заслуги за еманципацијата, развојот и модернизацијата на Македонија во контекст на современата регионална и европска култура. Токму затоа неговите песни се одбрани при изразувањето протест против денешната девастација на сè што е модерно во македонската култура“, велат активистите.
Учесниците во акцијата „Лажни пророци“ изработиле и видео запис од читањата на песните на Конески, како и дваесетина стенсили на различни локации во Скопје.
RADIOMOF.MK