ЛДП: ДВОЈНИ АРШИНИ-ТАЛЕСКИ ПОТПИШУВА ОД КУЌЕН ПРИТВОР, А ОСОМНИЧЕНИТЕ ОД “ЕРАЗМУС” НЕ СМЕАТ ДА РАБОТАТ!

Сподели

ldp3-540x270

Македонското правосудство продолжува со апсурдните и двојни аршини, обвини денеска Либерално-демократската партија (ЛДП). Од партијата реагираат на барањето на Обвинителството за организиран криминал и корупција до Кривичниот суд да им биде изречена забрана за работа на професорите и на асистентите на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, осомничени во случајот „Еразмус“.

„Обвинителството за спречување организиран криминал, бара од судот да им изрече мерка забрана за работа на професорите и на асистентите на Економскиот факултет во Скопје, осомничени за корупција, да немаат допир со студентите, додека функционерите од власта осомничени за тешки криминали се недопирливи. Најголемиот скандал се случува во Битола, каде градоначалникот Владимир Талески трет месец од куќен притвор ја води Општина Битола, потпишува службени документи и раководи со парите на граѓаните, додека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) го товари за криминал со бесплатниот школски превоз тежок 360.000 евра. Двојните аршини на македонското правосудство под диктат на ВМРО-ДПМНЕ се срам за држава која претендира да стане членка на Европската Унија“, стои во соопштението на ЛДП.

Од партијата бараат владеењето на правото и почитувањето на законите да се применуваат без привилегии и сите функционери осомничени за криминал и за корупција да се отстранат од работа и да им се одземат сите ингеренции, вклучително и на Талески.

„Бараме од ВМРО-ДПМНЕ да ги осуди ваквите двојни аршини и да побара од сите свои функционери обвинети за криминал и оние за кои постојат основани сомненија за сторен криминал да се повлечат од функциите. Апелираме уште еднаш, итно да се преиспитаат „надлежностите“ на притворениот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и бараме негова оставка и организирање на предвремени избори за градоначалник на Битола заедно со вонредните парламентарни избори на 11 декември годинава“, велат од ЛДП.