Лекарската комора на Република Северна Македонија се издигна во почитувана, независна професионална организација, етаблирана на домашен и меѓународен план, со свои јасни цели и јасна програма во рамки на промоција на правата на лекарите и унапредување на здравствениот систем, констатираа говорниците на свечениот настан кој по повод одбележување на 30-годишниот јубилеј се одржа вчера во Скопје.
Процесот за воспоставување на Лекарската комора започнува во 1991 година, кога во Македонското лекарско друштво е покрената иницијатива за формирање на Лекарска комора, како здружение кое ќе се бори за правата на лекарската професија и паралелно за заштита на пациентите. Целиот процес за формирање се заокружува на 5 јуни 1992 година кога се одржува основачкото Собрание во просториите на Воената болница во Скопје.
–Честит 30-годишeн јубилеј од формирањето на Лекарската комора на РСМ! Вие сте наш партнер во креирањето и имплементирањето на здравствените политики и вашиот придонес е од непроценливо значење за унапредување на здравствениот систем, истакна на јубилејното одбележување, министерот за здравство, д-р Беким Сали.
Лекарите се основна движечка сила на здравствениот систем. Нашата интенција како Министерство за здравство е да овозможиме што е можно поповолни услови за стручен раст и развој на лекарите, како и соодветно вреднување на вашиот труд и придонес.
-Уверен сум дека нашата успешна соработка ќе продолжи и во иднина со реализација на многу новини и успешни заеднички проекти, од кои најголем бенефит ќе имаат пациентите, истакна министерот Сали.