Лекарската Комора излезе со соопштение и апел до дел од матичните лекари кои и покрај сите апели и препораки да соработуваат со Министерството за здравство, сепак има дел од нив кои не веруваат дека коронавирусот постои, па затоа пациентите не ги испраќаат на тестирање, туку ги лекуваат во домашни услови.
“Лекарската Комора на РСМ од самиот почеток на пандемијата со Ковид-19, континуирано испраќа апели како до граѓаните, така и до вас, за доследно почитување на мерките за заштита од коронавирусот. Мерките за заштита, како на работното, така и вон работното место, се официјални мерки препорачани од Светската здравствена организација, а Министерството за здравство секојдневно ги повторува и апелира до граѓаните да се придржуваат до нив.
Сепак, загрижувачки е фактот што еден дел од колегите сè уште своите лични убедувања ги ставаат пред сознанијата и насоките препорачани од Светската здравствена организација и државните здравствени авторитети и власти, при што се однесуваат спротивно на официјалните протоколи, медицината базирана на докази и кодексот на медицинската деонтологија. Овие колеги не ги пријавуваат заболените за тестирање и ги лекуваат во домашни услови, а некои дури сметаат и дека вирусот не постои или се работи за заговори, со што се зголемува ризикот од ширење на инфекцијата.
Почитувани, вашите колеги кои работат на Клиниката за инфективни болести и оние биле таму да помагаат, оние кои работат во ГОБ “8 сeптември” и во Итната медицинска помош, колегите од Куманово, колегите од Дебар и многу други, ги споделија своите искуства на социјалните мрежи и во сите медиуми и сето тоа имавте можност да го прочитате и видите. Вирусот е тука и за жал, носи жртви! Како ќе им објасните на семејствата на починатите дека е вирусот нешто што треба да се занемари?
Бараме да ги почитувате сите протоколи препорачани од Светската здравствена организација и од Министерството за здравство за заштита од Ковид-19!
Бараме да се однесувате одговорно како на вашето, така и вон вашето работно место!
Бараме од сите вас да си ја исполните својата обврска кон пациентите со доследно придржување кон протоколите и начелата на медицината базирана на докази, добрата клиничка пракса и кодексот на медицинската етика и деонтологија!
Сè друго го руши нашиот улед како фела! – се нааведува во соопштението на Лекарската Комора на РСМ.