ЛЕПРОЗЕН БАЛКАН! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

 

„Мини-Шенген“ или „Отворен Балкан“!? Првиот има тесна содржина, а вториот поголема територијална ширина! Како да се сака да се побегне од вистинското име – „Заеднички пазар на земјите од западен Балкан“.

 

Мерсел Биљали

Преамбициозно е да барате да ви се придружат околните балкански држави кои веќе се членки на ЕУ, туку важно е во проектот да се опфатат и останатите три земји од регионот – БИХ, Црна Гора и Косово. Легитимно, дури и очекувано е ваквата иницијатива да има силни противници, бидејќи до вчера тука имало војни и масакри. Регионот подолг период е навикнат на отворена врата за несреќата, кога и да тропне таа! Дури и самите европски почетни интеграции наидоа на жестоки спротивставувања поради вековните непријателства меѓу Французите, Германците, Британците итн. Но, големите лидери, пред се Жан Моне и Роберт Шуман, докажаа дека ако се сака да се постигне нешто уникатно, ќе мора да се биде сосема различен. Одлучија да стават крај на тие вековни трагедии! Како резултат на тоа, веќе 75 години меѓу европските партнери нема војни, туку соработка и развој. Да ги немаше таквите интеграции, Бог знае колку војни ќе се случеа досега во Европа!

Но, сеуште како „Остров на отровни змии“ остана западниот Балкан кој станува се повеќе источен. Уморен од чекање и обострано лажење, како да не знае што да прави со себе! Организираниот криминал, високата корупција, анти-мерит системот и недотаток на лидерство во регионот, доведоа до голема економска стагнација и уривање на бројни основни вредности. Шума од глупави закони како да ги озаконија законот на џунглата. Со години во регионот постојат сили што сакаат војна и го чекаат моментот. Тие што останаа нормални, треба да спречат таков момент да им дојде. Не постои подобар лек против таквиот момент од соработката и интеграциите. Сѐ друго што се сервира како патриотизам е само идиотизам и манипулација, каде што не се нуди никаков излез, туку влез во пеколот.

Некои велат – интеграции ДА, но само во ЕУ, а никако и регионално со „историските непријатели“! Како да забораваат дека и самата ЕУ почна како меѓусебна интеграција меѓу довчерашните историски непријатели. Оттука, зошто ЕУ би направила нешто за нас кога истото го нема напраено ниту за себе! Дури, важен критериум за прием во ЕУ ​​се токму добрососедските односи. И точка. А во регионот, сеуште има такви водачи кои на своите народи продолжуваат да им нудат само убава поезија. Но, насекаде е докажано дека во природата на политиката, лесно поезијата се претворува во елегија, а елегијата во трагедија. Најголеми спротиставувања има меѓу косовскиот премиер Курти и албанскиот премиер Рама. Против вториот се пуштени најнемилосрдни можни медиумски загари! Курти мисли дека најпрвин Косово треба да биде признаено од страна на Србија, а потоа регионално интегрирање, а вториот мисли дека косовската независност полесно може да биде признаена од страна на Србија, во рамките на еден заеднички пазар. Поради косовска канонада на напади кон Рама, морале да се јават и американската амбасада во Приштина дека „САД ги поддржуваат напорите на Западен Балкан за зајакнување на економската интеграција“. Во последните изјави Курти како да омекнува, па вели дека се согласува со некаков заеднички регионален пазар, но како што вели „според моделот на ЕФТА или ЕЕА (Европска економска област)“!

Дилемата првин статус па потоа интеграција, е празна, ефтина и фоскулна политичка игра од која нема корист. Постои голема политичка поларизација внатре во Црна Гора. Потоа, во Босна и Херцеговина односите меѓу двата ентитета се екстремно затегнати што подолго време ја прави државата нефункционална. А раните меѓу Србија и Косово продолжуваат да крварат. Само тој што има дефицит на ум може да помисли дека таквите меѓусебни проблеми можат полесно да се решат во услови на тензии и инаетење меѓу државите. Потребна е огромна позитивна енергија и политичка волја за истите да се решат низ трпелив дијалог. А регионалниот пазар тука може да биде корисна политичка инфузија.

Реално, постои големо незадоволство во државите од западен Балкан поради фактичното запирање на проширувањето на ЕУ. Но, овие држави треба да сфатат дека ЕУ сега си има свои големи внатрешни проблеми, па оттука проширувањето кон кавкаџиските балканци се доживува како отворање нови дупки на чамец кој тоне. Регионалните држави треба да разберат дека додека тие самите не работат во создадвањето праведни, функционални и професионални институции, ЕУ ќе бега од нив како да имаат лепроматоза. Во државата треба да фукционира здрава конкуренција и натпреварување, а кај нас единствено натпреварување е во тоа кој полесно дошол до диплома, кој незаконски добивал најмногу тендери, и кој повеќе прекршувал закони! На шега еден странец вели – единствен плус во државата ви е крстот на Водно! Затоа Брисел oправдано стои подалеку од нас и тоа со маска. И тука Рама е во право кога вели – „ние не сме ни глупави ни наивни за да веруваме дека некој ќе работи во корист на нашите земји ако ние го правиме тоа“.

Во регионот постојат десетици слични иницијативи, како што се – Регионална економска област (Regional Economic Area – REA); Совет за регионална соработка (Regional Cooperation Council – RCC); ЦЕФТА итн. Одделни сегменти од овие организации се координирани преку Берлинскиот процес во кој се вклучени сите шест земји од Западен Балкан (Албанија, Србија, БиХ, Македонија, Црна Гора и Косово). РЕА, истовремено ја има и социјалната димензија, но и дигиталната агенда што и дава дополнителен тежина на оваа организација во споредба со ЦЕФТА која е експлицитно само трговски договор.

Албанија поаѓа од тоа дека нејзината трговија претрпува голема штета од околните граници, особено кон Србија со која долги години односите не биле сјајни, и тоа се рефлектирало со бројни административни погранични и царински опструкции, кои во крајна линија на албанската економија и создавал голема штета. Оттука, тие со право прашуваат – ќе продолжиме ли со ваква практика што ги убива економските шанси во регионот или ќе размислуваме прагматично со ладни глави за да се спасиме колективно?!

Со посредство на САД, пред две години беше усвоен еден меморандум и физибилити студија за железничко поврзување меѓу Белград-Приштина, кое би требало за заврши на пристаништата на Јадранското Море. Општо земено, предвидената компатибилна регионална инфраструктурна мрежа (согласно европската мрежа ТЕN-Т), ќе му даде големо значење на албанскиот морски брег со постојните пристаништа, како важни поморски транзитни центри за стоката од западен Балкан. Исто така со приклучоците кон коридорите 8, 10 и 11, и со помош на „Јужната трансферзала“ и „Руга е Комбит“ албанските пристаништа Драч и Шенѓин би се здобиле со големо регионално финасиско и политичко значење. Без дилема, дека тоа ќе биде од голем интерес и за Косово, која моментално сообраќајно е најизолираната држава на Балканот, оти треба да транзитира низ Србија и Република Српска. 

Светски експерти се на мислење дека ваква регионална иницијатива нема никакво негативно влијание врз процесот на европски интеграции, ниту е замена за нив. Напротив, тој процес е брз воз за ЕУ во ситуација кога сите други возови стојат на место. Соседните држави, заеднички полесно можат да ги исполнат условите за членство во ЕУ, односно веднаш би почнале со либерализирање на пазарот без да се губи време, додека ЕУ нема внатрешна сила за проширувње. А кога таа сила ќе и се врати, тогаш овдешните држави во брза постапка би се зачлениле, (бидејќи заедно во регионот имаат постигнато важен успех во исполнувањето на европските стандарди). Слично мислење има и професорот Флоријан Бибер, член на Европска советодавна група за политики на Балканот (BiEPAG), кој истакнувајќи дека „Мини-Шенгенот е добра иницијатива и дека е тешко да се види нешто лошо во него. Меѓутоа, тој има смисла само ако ги вклучува сите шест земји од Западен Балкан. Особено е чудно што Косово не е дел од иницијативата, бидејќи таа е опкружена од тројца потписнички “ – вели Бибер.

Крајно време е барем еднаш да се пристапи нормално. Триесет години ни поминаа без наша волја. А животот е како богот Јанус со две лица! Од една страна е болката, а од другата страна среќата. Можете да ја видите само едната страна, но да не заборавиме дека и другата страна стои на ред. Понекогаш, не баш среќна.