На денешната прес-конференција, портпаролот и пратеник на Левица Амар Мециновиќ го најави Законот за инспекторат за државни инсигнии, со којшто се гарантира почитувањето на грбот, знамето и химната на Република Македонија:
„Сведоци сме на секојдневно непочитување на државните симболи, особено за време на јавни прослави, спортски манифестации, дури и официјални церемонии. Секојдневно гледаме неправилна употреба, навредлива експонираност или отсуство таму каде што законот пропишува дека треба да стои.
Со овој предлог се предвидува формирање на инспекторат во рамки на Министерството за правда со јасно дефинирани надлежности, процедура за инспекциски надзор и прекршочни мерки. Инспекторатот ќе има капацитет да врши надзор на институции, но и на правни и физички лица, а ќе постои и можност граѓаните да поднесуваат иницијативи до него.
Овој Предлог-закон, конечно, дава механизам за спроведување на веќе постоечки закони и законска материја. Со ова не се менуваат постоечките права, туку само гарантираат дека тие ќе се почитуваат и доследно применуваат.“
