Лидерите на парламентарните партии денеска на средба во Собранието

Сподели

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Собранието ќе одржи средба со лидерите на парламентарните политички партии, на која треба да се разговара за европскиот пат на земјава, како и за одлуките што во иднина треба да се носат со широк политички и општествен консензус.

Средбата која ја свикува претседателот на Владата, се организира со цел да се отвори дискусија за европската иднина на Република Северна Македонија, но и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.

– Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието. Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, рече Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во саботата потврди дека ќе присуствува на средбата, најавувајќи дека на неа ќе ги презентира партиските ставови, кои е подготвен да ги браниме секаде во светот.

– Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез се предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски во обраќањето на партискиот настан насловен „Саем на промените што носат иднина!” по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми во изјава за МИА нагласи дека претставници на партијата ќе присуствуваат на лидерската средба иницирана од премиерот Ковачевски.

– Со оглед на важноста на моментот низ кој поминуваме, како општество и како држава, сметам дека е правилно да се одржи ваква средба, бидејќи ситуацијата е сериозна и заслужува сериозен одговор и одговорност од сите политички партии, а особено уште повеќе кога имаме предвид дека за европската агенда, уставните измени за кои се потребни двотретинско на пратеници импонира неопходно седнување на една маса, соработка и заедничко одлучување на парламентарните политички партии, рече Адеми.

Од Алтернативата за МИА посочија дека немаат никаква дилема дали треба да дадат поддршка на предлогот за бришење на формулацијата „20 проценти” за употребата на албанскиот јазик и затоа нема потреба од некоја посебна средба.

– Неалбанските партии се веќе подготвени за ова прашање и ова веќе не е тема која наметнува некаква посебна средба на албанските политички партии. Доколку има други околности и други теми, таквите покани ќе бидат разгледани, велат од партијата во однос на иницијативата на Беса за средба на партиите на Албанците од земјава.

И од Алијансата за Албанците во изјава за МИА потврдија дека ќе учествуваат на лидерската средба иницирана од премиерот, додавајќи, исто така, дека се во постојана комуникација со сите политички партии на Албанците.

Од друга страна, претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев информира дека нема да учествува на лидерската средба.

– Со нас не можат да се договараат. Ние сме тврд орев, рече Апасиев.