Лидерите на партиите на Албанците на средба со Рама

Сподели

 

Лидерите на политичките партии на Албанците во земјава денеска се очекува да заминат на средба во Тирана, на покана на албанскиот премиер Еди Рама.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека денешниот состанок во Тирана е новогодишна средба, со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања во регионот и посакување успех во годината што е пред нас и апелираше да не се создава „некаква конспирација“ во врска со неа.

– Можам да кажам дека премиерот на Албанија е докажан пријател на Република Северна Македонија, посебно тоа го докажа во текот на овие години и месеци преговори со Република Бугарија, кога буквално некогаш на сметка и на интересите на Албанија, ги кажуваше позициите и на Република Северна Македонија во тој дел. Навистина не сметам дека треба да се создаде некаква конспирација по однос на овие средби, рече Османи.

Пратеникот од Движењето Беса, Фадил Зендели вчера изјави дека неговата партија добила покана за средбата, но рече дека тие нема да присуствуваат на неа. Тој оцени дека оваа средба е во полза на ДУИ и дека секогаш кога оваа партија има внатрешни проблеми се одржуваат вакви средби во Тирана.

– Ние имаме покана од премиерот на Албанија за утрешната средба. Централното претседателство одлучи дека ние сме спремни да соработуваме со Република Албанија и со премиерот Рама, но како политичка партија Движење Беса не сме спремни да седнеме на иста маса со ДУИ.Од Алтернатива и Алијанса за Албанците за МИА потврдија дека добиле покана за средбата и дека ќе одат на неа, без да прецизираат детали.

Од Алтернатива потврдија дека претседателот на партијата Африм Гаши ќе присуствува на средбата, но дека не се знае за што ќе се разговара.