ЛИДЕРСКА СРЕДБА ЗАКАЖАНА ЗА УТРЕ ВО 13 ЧАСОТ

Сподели

lideri-2-860x680

Лидерска средба, на која треба да се направи пресек дали има услови за одржување избори и што од договорот од 20 јули е досега спроведено, би требало да се одржи утре во 13 часот, дознава „Мета” од извори од СДСМ.

– Начелно, договорено е средбата да се одржи утре во 13 часот – ни одговорија од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не знаат дали ќе има лидерска средба, ниту кој треба да ја закаже.

– За лидерска средба досега немаме информации, но ако нас нè прашаат, услови за избори има уште од април и тука ништо не е сменето – одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичките партии потписнички на Договорот од Пржино не ги исполнија сите рокови предвидени со договорот што го постигнаа на 20 јули, пред одржувањето на лидерската средба на која треба да се одреди датумот за одржување на предвремените парламентарни избори.

Договорот заглави кај формирањето на ад хок телото за регулација на медиумите во предизборниот период, чие комплетирање требаше да заврши пред три дена, односно на 24 август. Четворицата претставници на двете партии веќе неколку дена не можат да постигнат консензус за избор на петтиот член, кој треба да биде Албанец.

Ако на утрешната средба лидерите утврдат дека има услови за избори, СДСМ ќе треба да го каже името на новиот главен уредник на информативната програма на МТВ.

Медиумите денеска шпекулираат со името на Санта Аргирова, за која се вели дека ќе биде предлогот на СДСМ, кој мора да биде прифатлив за сите партии.

„Мета“ се обиде да добие потврда за ова и од новинарката Аргирова, но засега немаме повратен одговор.

Ниту од СДСМ не ја потврдуваат оваа информација и велат дека името на уредникот ќе се знае дури откако ќе се направи пресек на договореното.

Преостанува:
• 19 август/24 август (пробиен рок) – Формирање на ад хок тело за медиуми;
• 31 август – Краен рок за лидерска средба;
• 2 септември – Опозицијата именува главен и одговорен уредник на МРТВ (доколку изборите се одржат на 11 декември);
• 2 септември – Суспендирање на измените во Законот за МВР во однос на надлежностите на министерот (доколку изборите се одржат на 11 декември).

Исполнето:
• 23 јули – Пратениците во Собранието ги изгласаа измените во Изборниот законик;
• 25 јули – ДИК го објави списокот со 39.502 спорни гласачи;
• 28 јули – Пратениците ги изгласаа измените во Законот за внатрешни работи, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Законот за кривична постапка и за Законот за Влада;
• 18 август – Заврши пријавувањето на спорните гласачи во ДИК.