По повеќе од седум часа преговори на лидерската средба на Зоран Заев и Христијан Мицкоски и тимовите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за измените на Законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши судбината на Специјалното јавно обвинителство и тоа да се трансформира, двете страни не постигнале договор.
Неофицијално, на синоќешната средба тимот на СДСМ предложил да се формираат две обвинителства – обвинителство за гонење висока корупција кое би ги гонело именуваните функционери, а првиот човек на ова обвинителство да го предлага опозицијата. Покрај тоа, сегашното Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција би останало. Но за ВМРО-ДПМНЕ тоа било неприфатливо. Засега не се знае ни дали ќе продолжат преговорите на двете работни групи од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за измените на законот.
Било предложено во новото обвинителство да влезат сите обвинители од СЈО, а предлогот на Заев подразбирал во новото обвинителство да влезат сите обвинители од сегашното СЈО и новото тело да профункционира по парламентарните избори. Со тоа, случајот „Рекет“ останува во надлежност на Вилма Русковска од Обвинителството за гонење на организиран криминал.
Aнтонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и еден од учесниците на вчерашните разговори, на својот фејсбук-профил напиша дека „договор за нов закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше токолу нервозен во врска со предметот „Рекет”, што не може да прифати ниедно системско решение за висока корупција во кое друг професионален обвинител би имал увид во овој мега-скандал, освен владино-подобната обвинителка Вилма Рускоска. Таквото однесување остава сомнеж дека хиерархијата на соучесници и организатори во „Рекет” е многу повисоко во власта, од улогата која во овој криминал ја имала осомничената Катица Јанева“, напиша Милошоски.
Од СДСМ, пак, за медиумите брифираа дека Мицкоски побарал предистрагите, истрагите и обвиненијата поведени по 30 јуни 2017 година да запрат како услов за ВМРО-ДПМНЕ да гласа за законот. За Заев и за министерката за правда Рената Дескоска ова било неприфатливо, затоа што расветлувањето на предметите на СЈО е услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ за Македонија.