Лицата со оштетен слух добиваат бесплатно паркирање на сите паркинзи на ПОЦ

Сподели

 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски го оствари предизборното ветување кое им го даде на членовите од Националниот сојуз на глуви и наглуви за време на кампањата во предизборниот процес. Станува збор за користење на бесплатно паркирање на лицата со оштетен слух на сите паркинзи на ПОЦ, на целата територија на општината.

 

 

На денешната средба иницирана од градоначалникот Герасимовски, беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Васко Кичевски, директорот на ЈП “Паркинзи на Општина Центар“ и Томица Стојановски, претседателот на Националниот сојуз на глуви и наглуви, со кој по одлуката на Советот на Општина Центар ќе почне и неговата примена.

 

 

„Со овој Меморандум за користење на бесплатно паркирање на паркинзите под надлежност на општината, конечно го исполнуваме неколку годишното барање на лицата со оштетен слух. Оваа услуга, која веќе ја користат лицата со оштетен вид и телесен инвалидитет, досега не беше овозможена за лицата со оштетен слух. Токму затоа беше и нашата средба пред месец и половина која се заложив дека ќе им излезам во пресрет“, изјави Герасимовски на средбата.

 

 

Оваа привилегија на сите паркинзи на ПОЦ ќе може да ја користат сите лица со кои поседуваат лекарска потврда за оштетен слух од над 90% и сите членови на Националниот сојуз на глуви и наглуви.

Општина Центар и во иднина ќе работи на овозможување услуги кои ќе им го олеснат животот на лицата со телесен инвалидитет или било каква друга попреченост.