ЛК: Стручниот надзор со побавна динамика во пандемија, лекарите се повеќе ангажирани во лекувањето

Сподели

 

Во однос на изнесените информации во јавноста поврзани со надлежностите на Лекарската комора и нивното извршување, оттаму денеска излегоа со реакција.

“Би сакале објективно и транспарентно да Ве информираме за фактичката состојба со цел, во вистинска насока да се трасираат можните решенија за надминување на проблемите и унапредување на состојбите. 

Пред сè, Лекарската комора изразува длабоко жалење за личните трагедии на пациентите и семејствата и останува отворена за соработка со надлежните институции, медиумите и пациентите, во рамките на она што се нејзини законски надлежности со цел брзо и ефикасно расветлување на сите случаи кои упатуваат на пропусти во постапките за лекување на пациенти со ковид 19. 

Законот за здравствена заштита ѝ дава на Комора овластување за вршење на редовен стручен надзор кој се врши по однапред утврден годишен план за стручен надзор над работата на здравствените установи и здравствените работници, а за кој согласност дава министерот за здравство. Вонреден стручен надзор може да се изврши на барање на државен орган, пациент или член на неговото семејство. За да се изврши вонреден надзор е потребно подносителот на барањето до Комората да достави писмена пријава и комплетна документација за случајот, која често се доставува некомплетна или со задоцнување, што може да биде една од причините за доцнење на надзорот.

Од започнувањето на пандемијата со ковид 19 до Лекарската комора се поднесени поголем број барања за вонреден стручен надзор. На овие барања не може да се одговори со очекуваната динамика, бидејќи во комисиите кои треба да го направат надзорот се ангажираат лекари вработени во здравствените установи кои беа и се ангажирани со поголем интензитет на работните места поради зголемениот број на пациенти. За секоја пријава се формира посебна комисија која брои три члена, а изборот на специјалноста на лекарите кои се нејзини членови се прави врз основ на тоа за каков случај станува збор. Во комисиите поврзани со случаите со ковид 19 требаше да се вклучат инфектолози, пулмолози, анестезиолози, кои се дефицитарни специјалности и кога станува збор за лекување на пациентите, за лекарите тоа е приоритет во однос на ангажманот во стручниот надзор. Исто така, треба да се разграничи и дека стручниот надзор не е судско вештачење, односно тој не прави реконструкција на настаните, туку ја констатира состојбата врз основ на расположлива документација и замени изјави од доктори и други здравствени работници кои активно биле вклучени во лекувањето и третманот на пациентот и дава стручно мислење.

Во однос на извршувањето на стручниот надзор во услови на пандемија, доставена е писмена информација до Министерството за здравство со кое сме во комуникација со цел изнаоѓање на решение кое ќе ја направи работата на комисиите побрза и поефикасна. Лекарската комора е одговорен партнер на Министерството за здравство во креирање подобри решенија за надминување на проблемите со цел, создавање на подобри услови за лекување на пациентите и работата на лекарите. Во таа насока, активно работиме на подобрување на постоечкиот механизам и правно доуредување на процедурата за формирање на комисиите, а со цел постапката да се одвива поефикасно. Лекарската комора има целосен капацитет да го организира останатиот дел од процесот.

Согласно Законот за здравствена заштита, Лекарската комора исто така има овластување за издавање, обновување, продолжување и одземање лиценца за работа на докторите по медицина. Кога е во прашање стручноста на лекарот законот предвидува привремено и трајно одземање на лиценцата, кое во двата случаи се прави ако постои соодветна судска пресуда со која се докажува дека докторот сторил кривично дело поврзано со здравствената дејност или сторил стручен пропуст или грешка при работата со што предизвикал трајно нарушување на здравјето или смрт на болниот. 

Одземањето на лиценца за работа е сериозен чин поради што и Законот предвидува тоа да се прави само во случај на постоење на судска пресуда со која се докажува дека лекарот сторил кривично дело. Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневање, бидејќи тоа би бил сериозен атак на професијата и можност за злоупотреби. Лекарската комора во овој дел постапува максимално стручно и одговорно и ги процесира сите предмети за кои е добиена соодветна судска пресуда.

Истакнуваме и дека системските проблеми кои постојат во здравствениот систем од каде најчесто произлегуваат причините за незадоволството на пациентите и пропустите во лекувањето, нема да дозволиме по правило да се препишуваат на стручноста на лекари и на раководството на Комората, бидејќи тоа е тенденциозно, неоправдано и што е најважно не носи решение за надминување на состојбите и спречување на можностите проблемите да се повторуваат. Тие предизвици треба да се решаваат со транспарентен и отворен пристап од страна на креаторите на здравствените политики, со вклученост на сите засегнати страни, во што лекарите како практичари во целиот процес може да дадат голем придонес, бидејќи сите имаме заедничка цел – создавање на подобар здравствен систем, како за пациентите, така и за здравствените работници”, соопштија од Лекарската комора.