Иницијативен одбор на локални и регионални медиуми со седиште во Битола ја поддржа владината иницијатива што јавно ја кажа премиерот Зоран Заев за укинување или промена на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), јави МИА. Овие медиумски куќи сметаат дека се нашле во тешка финансиска и материјална ситуација, бидејќи општините и јавните претпријатија не можеле да склучуваат договори за соработка со нив.
Инаку, ваквиот став на локалните и регионалните медиуми во овој Иницијативен одбор доаѓа само неколку дена, откако Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) со заедничко соопштение се спротивставија повторно да се дозволи рекламирањето на јавните институции во медиумите.
ССНМ, ЗНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека доколку ваквиот предлог биде прифатен нема да донесе никакво подобрување на состојбата во медиумите и слободата на информирање, туку напротив дополнително ќе го поремети и онака ранливиот медиумски пазар и ќе го засили клиентелизмот.
Реакциите во јавноста се вжештија откако премиерот Зоран Заев во понеделникот изјави оти верува дека наскоро ќе биде даден предлог од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за укинување или промена на членот 102 од Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (ААВМУ).
Заев образложи дека ваквиот потег би можел да им помогне на медиумите преку остварување договори со јавни претпријатија, општини и слично, во насока на обезбедување финансиска одржливост на медиумските куќи.
„Се бара трајно решение за чие изнаоѓање е поканета и европската делегација да ни дадат експерти за да го формираме она што е најдобро за нас, а поучени од европските искуства во делот на невлијание на медиумите“, објасни тогаш Заев.