Лукаревска заменик претседател на СДСМ – Филипче и Битиќи нови потпретседатели

Сподели

 

Актуелната директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска е избрана за нов заменик-претседател на СДСМ. Владејачките социјалдемократи денеска одржаа изборен конгрес, на кој Лукаревска со 682 гласа „за“ и 2 „против“ го зазеде местото на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

На Конгресот на СДСМ денеска за потпретседатели на владејачката партија назначени се министрите Венко Филипче и Фатимир Битиќи, на местото на директорот на Фондот за иновации Коста Петров и на генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири.

Во новиот состав на ЦО меѓу познатите имиња се градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, советничката за финансии Нина Фити, директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, пратеникот Коста Костадинов, поранешната ракометарка Адријана Будимир, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, докторката Софија Пејкова, генералниот секратар на Владата, Мухамед Зеќири, пратеникот Дарко Каевски, поранешниот директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски.

Претседателот Зоран Заев пред делегатите на партијата рече дека нивната партија брои над 80.000 членови и нивниот број постојано расте, додека СДСМ е единствена партија во земјава која има локални организации во сите општини. Тој најави дека промените во партијата ќе продолжат преку пет клучни столбови, меѓу кои и обновување на досегашната кадровска понуда.