LUX NATURAE го отвори третото издание на SKOPJE LIGHT ART DISTRICT

Сподели

 

Со проекцијата LUX NATURAE на француските Loom Prod на Камениот мост, вчеравечер почна третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност, Skopje Light Art District 2020.

 

 

Почитувајќи ги мерките од надлежните институции и следејќи ја зелената патека, на однапред утврдени 18 локации, од плоштадот „Македонија“, преку кејот на реката Вардар, до Градскиот парк, посетителите ги видоа уметничките дела и перформансите кои како главен медиум ја користат светлината. Оваа година тематиката на Skopje Light Art District има јасна порака за зачувување и одржување на здравата и чиста животна средина.

 

 

Скопјани имаа можност да ги проследат и 3Д проекциите на зградата МЦМ во Градскиот парк, каде што се одржува и меѓународниот натпревар во видео мапирање, чиј победник на крајот ќе биде носител на фестивалското гран при, наградата „Златко Славенски“.

 

 

Третото издание на Mеѓународниот фестивал на светлосната уметност е во организација на Универзална Сала и Град Скопје, со поддршка на Делегацијата на Европската унија и Францускиот институт во Скопје. Фестивалот ќе трае до 22 август.