На Петтиот Конгрес на Зелената партија ДОМ, кој се одржа денеска во Александар палас во Скопје, за претседател на партијата повторно и едногласно е избрана досегашната лидерка, Маја Морачанин.
Заблагодарувајќи се на довербата, Маја Морачанин нагласи дека ДОМ и во иднина ќе биде активен и конструктивен фактор во политичкиот пристап за решавање на сите општествени проблеми и прашања, и во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
“Политиката на Зелената партија ДОМ не треба да се врзува само со еколошките теми и климата, туку и со почитувањето на човековите права, социјалните права, недискриминацијата, како и со политиките за развој на зелената економија” – подвлече, Морачанин.
Делегатите на Конгресот (209), исто така, едногласно го избраа и новиот состав на Централниот и Надзорниот одбор на партијата, а беа усвоени и Извештајот за работата на ДОМ во периодот од 2018 до 2022 година, како и Предлог-програмата за работата на Зелената партија ДОМ во периодот до 2026 година.
Пред делегатите и многубројните гости од другите партии, пратеници и претставници од Владата, на почетокот на Петтиот Конгрес на ДОМ, се презентираа и поздравни говори на претставници на Европските зелени од повеќе земји-членки на ЕУ, како и на зелени партии од земјите во регионот.
Тие јасно ја изразија поддршката за продолжување на Северна Македонија на патот кон Европската унија и поддршката на придонесот на Зелената партија ДОМ, што го дава во таа насока.