Македонија е земја во која има највисока стапка на воспитување на децата преку насилство

Сподели

Македонија е земја во која има највисока стапка на воспитување на децата преку насилство, споредено со земјите во регионот. Но, овој проблем, како и проблемот со сите други видови насилство врз децата е глобален и застапен во сите земји и бара итна реакција од општеството. Насилството во детската возраст, создава можност да се развијат во личности со различни проблеми.

Ова се ставовите на дел од учесниците на дводневниот регионален состанок организиран од УНИЦЕФ, на кој претставници од регионот разговараат за правата на децата.

– Сите анализи и истражувања што ги има УНИЦЕФ покажуваат дека дури и во регионот, Македонија има највисока стапка на воспитување преку насилство. Тоа покажува дека ние создаваме насилство, не работиме да превенираме и да создадеме ненасилно општество, туку уште во семејството и во најмала возраст создаваме насилно однесување и ги учиме нашите деца на насилство – рече во обраќање министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Според неа, можен излез е мултиресорски пристап за превенција, заштита и реакција во случај на насилство преку препознавање на насилството врз децата, за институциите да го детектираат и реагираат.

Министерката истакна дека насилството врз децата значи и запуштање кое во голем дел се случува на деца во институциите, и затоа државата прави напори да нема деца до 18 години во институции. За само една година, рече, околу 40 проценти деца до 18 години се извадени од институциите. Насилство, додаде Царовска, е и сиромаштијата против која државата се бори со социјалната реформа преку олеснување на пристапот до детски и образовен додаток, и преку развивање на социјални услуги.

Бенџамин Перкс од УНИЦЕФ смета дека проблемот со насилството врз децата е глобален, но оти земјите од ЕУ веќе имаат развиено модел кој дава резултати и би било добро да биде применет и во регионот.

– Ова особено затоа што децата кои растат со големо присуство на насилство, имаат голема веројатност да имаат лошо здравје, лош исход во животот, да завршат регрутирани од насилни групи и да влезат во циклус на експлоатација – рече Перкс.

За Џеновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување во ЕК, алармантен е податокот дека едно на секои пет деца е предмет на некакво злоставување.

Затоа, потенцира таа, унапредувањето на правата на децата, заштитата и соодветната реакција треба да бидат цел на сите земји.

На средбата, учесниците од седум земји од регионот разговараат за напредокот постигнат во рамките на регионалната акција, ќе ги споделат поуките и иницијативите што имаат потенцијал да станат модели за репликација, ќе ги идентификуваат останатите заеднички предизвици на земјите-учеснички, како и стратегиите за нивно решавање по завршување на акцијата.

Во изминативе три години, седумте земји работат на јакнење на граѓанскиот сектор за подобро следење на реализацијата на детските права, промовирање на сеопфатни и иновативни услуги и зголемување на јавната поддршка за заштита на децата од насилство и за социјална инклузија на децата со попреченост.

МИА