Македонија и КОВИД-19: Чудовиштето со долг врат – Атанас Вангели

Сподели

 

 

Трендот на подигање ѕидови помеѓу државите и разнишаната доверба во мултилатералниот поредок, укажува на тоа дека пандемијата наместо како глобална криза, ќе продолжи да биде решавана како национална криза во секоја земја во светот. Земајќи го сево ова предвид, КОВИД-19 е и најголемиот тест за тоа колку и како Македонија може успешно да делува како самостојна држава во светот кој толку брзо се менува.

        Атанас Вангели

Иако во многу извештаи за глобални ризици, заразните болести фигурираа како една од најголемите закани за светската политика и економија, на почетокот од 2020 ретко која земја во светот беше спремна за глобална пандемија на нов, досега непознат респираторен патоген како што е новиот коронавирус. Дури и првичните реакции кон КОВИД-19 низ многу делови од светот беа потценувачки.

Македонија во време на пандемија

Кога се појави првото големо жариште во Вухан, Македонија не преземаше значителни превентивни мерки за опасноста која доаѓа. Италија веќе беше поблиску до дома; а првите повратници од странство позитивни на КОВИД-19 го вклучија алармот. Кога се потврдија случаите на локална трансимисија државата започна со пошироко тестирање и воведување поригорозни заштитни мерки на територијата на целата држава, чие спроведување и почитување варираше низ различни места и различни општествени групи.

Откако ширењето на заразата беше ставено под контрола на почетокот на мај, бројот на случаи почна повторно да се зголемува во јуни. Во моментот на пишување на овој текст, на Worldometers, Македонија е на 53-tо место во светот по бројот на случаи на 1 милион жители, и на 34-то место во светот по бројот на смртни случаи на 1 милион жители.

Кривата на дневни нови случаи во земјата која изгледаше како да е во опаѓање, во последните денови е здивена – како резултат, таа изгледа како „чудовиштето од Лох Нес“ – има грпка која паѓа надолу, и голем врат кој се извишува кон небото. Разликата е што чудовиштето од Лох Нес е митолошко суштество, создадено низ народните преданија во шкотските ридски предели. Нашето чудовиште од графиконите е вистинско, агресивно и смртоносно.

Makedonija i KOVID 19 Cudovisteto so dolg vrat 1Крива на нови случаи прилагодена на просек по седмици – извор: https://www.endcoronavirus.org/countries. Црвената боја означува дека Македонија спаѓа во земјите кои „мора да се потрудат повеќе.“ Другите две категории се „земји кои го имаат победено КОВИД-19“ (на пример, Нов Зеланд) и „земји кои речиси го имаат победено“ (Италија).

Сепак, во моментов не е јасно дали постои капацитет за силно и бескомпромисно справување со заразата во Македонија. Во Македонија, максимата на водечкиот американски епидемиолог Др. Фаучи дека „вирусот ја одредува временската рамка“ (а не институциите) не важи. Укинувањето на вонредната состојба коинцидираше со разгорувањето на бројот на нови случаи. Кризниот штаб и Комисијата за заразни болести почнаа да се разидуваат. По три месеци брчкање во плиткото, во четвртиот системот главечки нурнува во цунамито кое надоаѓа.

Сепак, државата и нејзината (не)спремност се само дел од приказната за справувањето со пандемијата. Другиот дел е реакцијата на општеството – однесувањето на граѓан(к)ите на сите нивоа – првенствено, нивната лична свест и мерките за сопствена заштита, однесувањето во семејството, во секојдневните социо-економски интеракции и на работното место. Носењето респираторни маски, одржувањето физичка дистанца, само-изолацијата при пројавување најмали симптоми и намалувањето или стопирањето на производните или други економски активности, дури и по неколку месеци на глобална пандемија, не се општо-прифатена пракса. Се разбира тоа не е случај само во Македонија – но тоа што и на други места постојат вакви проблеми не може никому да му послужи за утеха.

Причините за бавното учење се најразлични: недостаток на едукација, недостаток на волја и убедување (дел од нашите сограѓани не веруваат дека КОВИД-19 постои), впуштање во (мис)калкулиран ризик, или пак немање услови и избор (пример, работниците и работничките кои се принудени да одат на работа и покрај видливите ризици, за да не го загубат работното место). Но, начинот на кој што се пренесува вирусот, значи дека оние кои не се на дистанца – и на ниво на елити, и на ниво на обични граѓани, дури и да се малкубројни (а не се), имаат диспропорционално силен ефект на ширењето на заразата.

Структурни проблеми

Во меѓувреме, светот продолжува да плови во непознат правец, што пак е извор на нов вид несигурност и страв дури и во општества како македонското, кои се навикнати да живеат со неизвесност и секакви потреси.

Од идеалистичка перспектива, непријатели кои му се закануваат на целото човештво би требало да доведат до поголема емпатија, солидарност и соработка. Но, реалноста е поинаква. КОВИД-19 наместо како обединувач, до сега делува како катализатор на постоечките политички и економски спротивставености, на сите нивоа – од зголемените тензии помеѓу светските супер-сили, до недовербата помеѓу роднините и соседите.

Справувањето со повеќеслојната криза предизвикана од вирусот, исто така, ги открива структурните слабости на општествата и институциите – меѓу другото спротивставеноста помеѓу желбата за безбедност и желбата за слобода на луѓето ширум светот; помеѓу светоста на човековиот живот и неприкосновеноста на општествено-економската активност; и помеѓу неверојатниот научно-технолошки напредок од една страна, и анти-научните позиции на луѓе и од елитата и ширум масите во целиот свет од спротивната.

Во Македонија вирусот ги направи особено видливи спротивставеноста помеѓу потребата за холистичко гледање на работите и реалноста на фрагментацијата на системот; спротивставеноста на системот заснован на односи со јавноста наспроти недоволно развиениот принцип на однос кон човекот, спротивставеноста на „угодувањето“ на различни општествени групи и потребата за грижа за целокупното општество, и спротивставеноста помеѓу надежта дека помош може да дојде од надвор и изолационистичките тенденции кои ги продуцира пандемијата.

Прво, справувањето со КОВИД-19 е невозможно без апсолутната приоритизација на борбата против вирусот, холистичкото гледање на работите, ефикасната меѓусекторска комуникација и координацијата и мобилизирањето на сите расположливи ресурси со цел сузбивање на заразата. Во светот, за жал, се уште не постои модел кој може целосно да одговори на овој предизвик, иако одредени земји се покажаа подобри од другите. Сепак, сите јавни администрации во светот патат од проблемот на фрагментираноста и ирационалноста на бирократијата.

Но, она што е многу специфично за Македонија, е распределбата на раководни функции по немеритократски, туку партиски и етнички клуч, што пак придонесува до реалност во која различни нституции или функционери влечат на различни страни, и се вовлечени и инструментализирани во остварувањето на посебни интереси, дури и во време на криза.

Makedonija i KOVID 19 Cudovisteto so dolg vratИзвор: rs.n1info.com

Македонскиот контекст во кој КОВИД-19 се случува, е особено плодно тло за хроничните проблеми да ескалираат. КОВИД-19 ја затекна Македонија со техничка концентрациона Влада, со лимитиран мандат, во која ко-егзистираат политички непријатели, со цел да ги организираат петтите по ред предвремени парламентарни избори во последните 14 години. Како што датумот за избори ќе се наближува, за очекување е внатрешните тензии во системот да се интензивираат – не само на линија на една наспроти друга политичка партија, туку и комисија против комисија, раководители наспроти теренци и институции наспроти нивните вработени.

Второ, политичката борба за јавното мислење во дигиталното доба се води 24/7, во секое ќоше на нашето живеење. Медиумскиот простор кој е контаминиран со сензационализам дополнително придонесува до разжестување на таа борба. Но, на страна колатералната штета која произлегува во доменот на јавниот дискурс како директен резултат од оваа политичко-медиумска констелација во време на КОВИД-19 (дезинформации, лажни вести или пропаганда), основниот проблем е што диспропорционално голем дел од легитимитетот на институциите е заснован на исходот од овие борби во доменот на односите со јавноста, а многу помалку од материјалниот, секојдневен однос (на институциите) кон човекот.

Конкретно, тоа значи дека (и) во време на пандемија доменот на борбата за јавното мислење добива многу повеќе внимание, ресурси и енергија од што заслужува, на сметка на фронтот во лабораториите и болниците, или фронтот во економијата. За оние кои носат одлуки, јавното мислење е приоритет. Субјективните интерпретации и уверувања се критериумот според кој се вреднува (не)успехот на сите други полиња. Со други зборови, додека самата голема дебата околу КОВИД-19 се врти околу бројките на третирани, заразени, оздравени и починати, тие бројки само делумно (ќе) влијаат на формирањето на политиките; бројките кои суштински ги формираат политиките и политичките позиции се кликовите, лајковите и процентите на анкетите.

Трето, и поврзано, проблем од размерот на КОВИД-19 бара брзо маневрирање и носење бескомпромисни, често непопуларни одлуки, особено во поглед на регулирањето на некои од основните човекови права (правото на слободно движење). Низ многу места во светот, впрочем, беа и организирани протести против мерките на ограничување на движењето. Во Македонија, иницијално, релативно раното и одлучно регулирање на движењето беше фактор кој придонесе за првичниот успех во борбата со КОВИД-19.

Но, контра-тежата беше премногу силна за да се одржи тој тип на ригорозни, помалку и произволни, но (од денешна гледна точка) ефективни мерки. Долгите и сеопфатни полициски часови продуцираа незадоволство кај дел од луѓето со либерални сфаќања, хазардерски карактери или едноставно кај луѓето кои не сакаа да седат дома; замирањето на угостителските и други бизниси беше голем удар за претприемачката класа, но и за нивните вработени; додека, пак, во едно од најрелигиозните општества во светот беше невозможно да се одвратат верските заедници и верниците од впуштање во ризично однесување за време на празници.

Токму и кај овие делови од населението – а особено меѓу верниците – започна новиот, поголем бран на заразата. Но, освен што ризичното однесување доведе до ширење на вирусот, како реакција на него се роди и нова атмосфера на поделеност, меѓусебно обвинување и спирали на омраза на различни основи (вклучително и на основа на етно-религиска идентификација). Сето тоа додава уште еден слој на ризици поврзани со КОВИД-19 поврзани со потенцијалното рестартирање на етнички (политички) тензии, кои може дополнително да го парализираат системот, и со тоа на краток рок да го отежнат излегувањето од кризната ситуација, а на среден и долг рок да го загрозат функционирањето на општеството дури и во пост-пандемискиот период.

Четврто, КОВИД-19 е парадоксално најголемата глобална криза на нашето време, а притоа е првата голема криза во која Македонија ќе мора да се спасува самата себе си, без преголеми очекувања од меѓународната заедница. Досегашните кризи во земјата беа решавани со нагласено учество на надворешни актери; што пак беше прифатено како дел од стратегијата на главните политички актери. Во контекст на КОВИД-19, надворешните актери ќе бидат присутни, дел од нив ќе влијаат на развојот на настаните во земјата на најразличен начин, но поради тоа што и самите се соочени со предизвиците на надминување и опоравување од кризата, тие ќе имаат далеку помал удел во текот на случувањата споредено со претходните искуства каде што нивната улога беше одлучувачка.

Воопшто, трендот на подигање ѕидови помеѓу државите и разнишаната доверба во мултилатералниот поредок, укажува на тоа дека пандемијата наместо како глобална криза, ќе продолжи да биде решавана како национална криза во секоја земја во светот. Земајќи го сево ова предвид, КОВИД-19 е и најголемиот тест за тоа колку и како Македонија може успешно да делува како самостојна држава во светот кој толку брзо се менува.

Должноста да се гледа напред

Погорната рефлексија на ситуацијата не дозволува да се гледа премногу оптимистично во врска со тоа што следи. Овој текст, раѓањето на „чудовиштето со долгиот врат“ кое веројатно ќе не прогонува барем уште неколку месеци, го лоцира првенствено во структурни фактори кои во голема мера го предодредуваат исходот кој го гледаме денес: веројатно не можеше да биде поинаку. Но, таа предодреденост за прилично неповолниот исход на општествено ниво, не значи дека на ниво на поединци сме бесмопошни и треба да и’ се предадеме на ситуацијата – туку напротив. Не’ очекува долга и макотрпна борба на два фронта.

Прво, денес е можеби уште поважно да повториме дека мора да преживееме. Кога веќе „големата слика“ е страшна, индивидуалната одговорност е она што секој си го должи себе си и на неговите најблиски. Но, уште поважен е вториот фронт – а тоа е фронтот на про-активно размислување, делување и (пред)мобилизирање. Чудовиштето, колку и да е извор на страв и страдање, во исто време е едно големо огледало, во кое сосема јасно се гледаат сите слабости и недостатоци на светот кој ја произведе оваа криза, и кој за разлика од повеќето од нас, нема да ја преживее. Додека стариот полека бледнее во нашите сеќавања, пред нас се отвора простор за создавање нов, подобар свет – иако за тоа во каков нов свет ќе живееме за неколку месеци или години од сега немаме никакви гаранции. Вирусот ни покажа дека нашето ограничено знаење и фантазија веќе не ни овозможуваат да предвидиме што ќе се случува ниту на краток, ниту на среден рок.

Сепак, оваа отвореност на иднината, во комбинација со фактот што сега влогот за секој од нас е толку голем, упатува на тоа дека кризата со КОВИД-19 има и еманципаторски потенцијал. Државата има должност, паралелно со борбата против вирусот, да го препознае и искористи тој потенцијал. Конкретно, разбирањето на комплексностите со кои допрва ќе се соочуваме мора да биде дел и од работата на државата, и од јавниот дискурс. Освен Кризен штаб, на Македонија и’ треба и независно советодавно тело кое ќе проба да ја разбере непознатата иднина, и кое ќе има за цел да воспостави основни идејни параметри за тоа како државата – руинирана и од КОВИД-19, но и од амортизираниот стрес на сите претходни кризи, и со расклатена структура – ќе треба да се гради и адаптира. Тоа тело ќе треба да делува дури и наспроти политичкиот мејнстрим, и да ја врати вербата во знаењето, науката и нескршливоста на човечкиот дух. Колку работата на такво тело ќе влијае на политиките, останува да се види. До тогаш, да бидеме живи и здрави.

 

respublica.edu.mk