Македонија и потребата од менување на енергетскиот пазар во Европа – Соња Стојадиновиќ

Сподели

 

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите, пишува Соња Стојадиновиќ за Республика.

Енергетската криза која ги потресува Европската унија и балканските земји не датира од почетокот на војната во Украина.

Соња Стојадиновиќ

Уште во 2019 година, 31 милион луѓе во Европа биле загрозени од таканаречената енергетска сиромаштија. Таа се јавува кога луѓето не можат адекватно да ги стоплат домовите во зима и изладат во лето.

Веќе во 2022 година, таа бројка се зголемила на 80 милиони. Оваа состојба најмногу влијае на квалитетот на живот на ниската и средната класа.

За иронијата да биде уште поголема, додека луѓето живеат во енергетска сиромаштија, енергетските компании бележат енормен раст на профитот поради порастот на цената на електричната енергија и субвенциите кои ги добиваат од државите. Опасноста од деиндустријализација која поради енергетската криза го демне европскиот континент, се покажува веќе и во постапките на најголемиот производител на железо во Европа, фирмата Арчелор Митал (Arcelor Mittal) која затворила две фабрики во Германија и своето производство го преселила во Соединетите Американски Држави.

Една од главните причини за ерупција на оваа криза се појавува пред 20 години во форма на либерализација на пазарот на ЕУ за електрична енергија и плин. Исто како и со секоја приватизација, корисниците не виделе вложувања во услугите и намалување на цените туку сосема спротивно. Цените на струјата и на плинот растеле заедно со сиромаштијата. За трагедијата да биде уште поголема, централите кои произведуваат струја (без разлика дали работат на плин или на јаглен) последни се вклучени во одредување на пазарната цена на струјата.

Оваа либерализација довела до зголемување на цените и до појава на таканаречени шпекулантски балони, кои влијаеле на енормното зголемување на цената.

Проблем прелеан на глобално ниво

Иако немаат либерализиран пазар на електрична енергија кој продуцира сиромаштија и профит, Индија и Кина, од друга страна, имале суши и поплави во 2020 година кои влијаеле врз намалувањето на производството на јаглен од рудниците и врз производството на струја од хидроцентралите. На другата страна на планетата, реката Парана во Бразил во 2020 година имала низок водостој што негативно влијаело на производството на струја од хидроцентралите.

Војната во Украина која влијае на трговијата со руски плин во ЕУ, ја зголеми цената на струјата за 211 проценти. Во Ирска цената на струјата по мегават час во 2021 во споредба со 2019 година е зголемена за 313 проценти, во Португалија за 215 проценти, а во Шпанија за 214 проценти. Со цел да ги ублажат ефектите од кризата, Шпанија и Португалија се обиделе да воведат ограничување на цената на струјата и да го зголемат данокот на профит на фирмите за електрична енергија. Од друга страна, инертноста на Европската комисија и ориентираноста кон поддршка на профитот пред квалитетот на живот на граѓаните, се гледа и во отсуството на реакција и на заштита на луѓето на кои им е исклучена струјата поради неплатени сметки.

Што прават европските партии за заштита на граѓаните?

Левичарските политички партии членки на Европскиот парламент (ЕП) доставуваат барања за промени на пазарот на електрична енергија и поголема заштита на граѓаните кои се погодени од енергетската сиромаштија. Германската левичарска партија Ди Линке (Die Linke) предлага да се забрани исклучување на струјата во домовите, а Зелено Црвената Алијанса (Red Green Alliance) предлага да се понуди компензација за сметките. Од друга страна, грчката Сириза (SYRIZA), бара да се престане со тргување со струја и плин на берзите, а австриската комунистичка партија КПО (KPO) бара нов модел на пазарот на струја.

Извор: pixabay.com

Целиот блок на левичарски политички партии во ЕП бара да се забранат исклучувањата на струјата во домовите и да се понуди финансиска поддршка за подмирување на сметките.

Исто така, барањата се да се постави максимална цена на струјата и на плинот за да нема берзански манипулации, струјата да биде основно човеково право, а не луксуз, а дистрибуцијата на струјата да ја изршува јавно претпријатие.

Бараната и планирана транзиција кон зелени енергии (ветер и вода) бара и поголеми инвестиции. За оваа транзиција да биде успешна, ЕК предвидела 438 милијарди евра инвестиција до 2030 година. Сепак, за целосно да се префрлат земјите на ЕУ на зелени извори на енергија, таа транзиција не смее да ги остави потрошувачите без струја.

Транзицијата не е брза, ниту лесна и евтина. Предлозите на партиите од левиот блок покриваат и вклучување на граѓанските организации, синдикатите и еколошките организации во процесот на транзиција и влијание на формирање на пазарната цена на струјата, како и создавање на социјални претпријатија кои ќе произведуваат и дистрибуираат струја до потрошувачите. Во сите овие пазарни промени не смеат да се заборават работниците за кои се бараат повисоки плати, нормални работни услови и нивно учество во донесувањето на одлуките во рамки на претпријатието.

Македонија, светлосни години во минатото

Барањата кои ги поднесуваат левичарските партии во ЕП не се комплетна непознаница за македонската држава и општество. Но, за жал, нашата транзиција отиде во минатото, некаде пред Втората светска војна, кога Македонците знаеја само за богати и сиромашни.

Додека во ЕУ веќе се разговара за јавни рпетпријатија во енергетскиот сектор за да се заштитат потрошувачите и да се контролираат „надуените“ цени на струјата и на плинот, кај нас, извиканата либерализација на пазарот донесе повластени произведувачи на струја, кои по повластени цени ја продаваат на македонскиот пазар. Се докажа дека малите хидроцентрали кои се форсираа како зелен извор на енергија, премалку произведуваат струја за потребите на македонскиот пазар, а притоа, енормно ја уништуваат природата. Од друга страна, иако поставувањето на фотоволтаични соларни панели на покривите од домаќинствата за приватни потреби е во подем, државата малку одвојува за субвенционирање на вакви инвестиции.

Целта е заштита на приватните производители и увозници на електрична енергија, оние повластените, а за враќање на електрична енергија во системот од приватните лица, поточно продажба, воопшто да не зборуваме. Законот за енергетика ги ограничува овие можности со условување на потенцијалниот продавач на струја со неговиот добавувач. Значи од кого сте зеле струја за своите потреби, од ЕВН или од некој приватен добавувач, таа струја што сакате да ја продадете (вишокот), а сте ја произвеле од фотоволтаиците, мора да му ја понудите само на вашиот добавувач. Не постои можност да се бира подобра понуда на пазарот на откупување на струја произведена од фотоволтаиците.

Овој протекционистички пристап на државата за заштита на приватниот сектор целосно ја руши толку извиканата либерализација на пазарот на струја во Македонија и ја прави да личи на фарса.

Ако се земе предвид фактот дека над 30 години не е вложувано во РЕК Битола и државата е под притисок на глорификуваната бизнис заедница – да отвора можности за приватни производители и добавувачи на струја, дополнително се докажува дека либерализацијата на пазарот на енергетика води во буквално ладна темница.

Ако се уште имаме намера да го задржиме курсот кон членство во ЕУ, потребно е да се погледнат и другите решенија за кризи кои ги нудат европските партии. Кај нив, а и кај нас, се докажа дека либерализацијата на овој пазар не е решението, посебно кога сме во криза. Јавни претпријатија, контрола на цената на струјата, учество на граѓански организации во решавањето на оваа криза, а и во регулирањето на подивениот пазар на струја, се некои од решенијата.

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и кај нас. Таа мантра треба да се напушти и да се размислува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитот.