МАКЕДОНИЈА: КАДЕ И КАКО ПОНАТАМУ – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели


Малите држави, како што е нашата, не еднаш се нашле на историски крстосници кога се определувал нивниот опстој но и натамошната иднина. Понекогаш изборот го решавале часови и денови а, некогаш години и децении за да се донесе пресудната одлука за вистинскиот пат што води кон излез од кризните состојби.
Македонија во моментов се наоѓа пред еден таков предизвик: дали да продолжи по сегашниот опаснo неизвесен и магловит терен, тотално дезориентирана, истоштена од долгото вртење во круг, цврсто заробена во стегите на еден тоталитарен режим, чија основна идеологија се потпира на политички насилства, измами и криминали, или пак ќе смогне сили да ги мобилизира своите пригушени демократски потенцијали, внaтрешно да се престрои и реформира, за да може конечно да тргне во освојувањето на европските вредности и перпективи.
По декемвриските избори и неуспехот на актуелната власт да обезбеди парламентарно мнозинство и да состави влада, создадени се реални услови за нејзината смена, со што би бил означен и почетокот на надминувањето на повеќегодишната политичка криза. Недостига уште еден чекор македонските опозициски партии, предводени од СДСМ, во преговорите со албанскиот политички корпус темелно да ги утврдат принципите и основите врз кои што би функционирала заедничката влада и кои реформски приоритети ќе бидат ставени во преден план. Има охрабрувачки изјави дека и покрај сите контрадикторности и претпазливости во преговарачкиот процес, постои подготвеност во оваа фаза да се поддржи СДСМ во обезбедувањето на пратеничко мнозинство, а подоцна, со дополнителни напори да се дојде и до формирање на заедничка влада. Со тој чин, фактички би паднале во вода сите обиди на актуелниот режим, низ притисоци и застрашување на јавноста да се спречи процесот на политичка консолидација на државата и да се издејствуваат нови и брзи избори, преку кои ДПМНЕ повторно би ја презел власта. Станува очигледно дека и самиот Груевски е свесен за својот неминовен пад, поради што дури отсега крои планови со какви идни опозициски маневри ќе им контрира на навестените промени, не воздржувајќи се притоа и со директни закани со дестабилизација на земјата. Уплашен е кутриот, пред се и за својата лична судба, бидејќи добро знае дека таа и понатаму ќе биде во рацете на СЈО, што тој и по цена на жртвување на државата сакаше да го обезглави и протера од правниот систем. Како што е познато, токму мафијашката структура и криминалната мрежа што Груевски систематски ја градеше во текот на своето владеење, беа епицентралните точки каде што еруптираше македонската политичка криза. И се додека тој гејзер од коруптивни напливи не биде судски прочистен, не ќе може да се зборува и за надминување на сегашната криза. Впрочем, судбината на СЈО беше коската што албанските партии по ниедна цена не можеа да ја проголтаат во нивните преговори со ДПМНЕ.
Според тоа, дилемите околу македонската иднина, можеби тешко, напорно, често пати и драматично, полека се разбиструваат. Постои само еден избор: смена на власта, целосна разградба на нејзините малигни инсталации, почеток на итна и смела демократска преобразба во држава на еднакви и рамноправни граѓани, надградена со високи меѓуетнички стандарди, со ефикасен правен систем заштитен од било какви политчко-партиски манипулации, со јасни неотстапливи евро-атлантски определби и живот достоен за секој човек и за секоја социјална група.
Има ли развластениот Груевски сеуште сила, моќ, смелост, да го попречи остварувањето на тие возвишени цели? Да заплашува до недоглед со некaкви исценирани граѓански и меѓуетнички конфликти со државни велепредавства и бесмислени ѕинговски национални платформи, заради божемниот спас на македонската кауза?
Нашиот народ за такви преплашени и избезумени луѓе со смкнати гаќи , знае да рече: Мрсат мустаќ а задникот им го плукаат муви!