На отворањето на манифестацијата денес, на кое присуствуваше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, домашни и светски истакнати лигнгвисти и научни работници, се презентираше и новиот интернет портал – Дигитални ресурси на македонскиот јазик, кој содржи над 50 дигитализирани стари книги, граматики на македонскиот јазик, монографии, споредбени студии, база на ресурси за македонски електронски корпус, како и преку 4.000 страници дигитализиран дијалектен материјал од целата јазична територија на Македонија.
На конференцијата учествуваат светски познати македонисти, како што се проф. Татјана Вендина од Руската академија на науки, проф. Јан Соколовски од Полска, проф. Ирена Савицка од Институтот за славистика при Полската академија на науките и проф. Мотоки Номачи од Универзитетот во Хокаидо, Јапонија. Манифестацијата има за цел да придонесе во научната обработка, системското проучување и меѓународната афирмација на македонскиот јазик, со што ќе се обезбеди споредливост на резултатите и нивна апликација на пошироко меѓународно ниво.
Како своевиден куриозитет на манифестацијата се смета настапот на професорот Номачи, кој за првпат го претставува ракописот на необјавената „Граматика на македонскиот јазик“ од акад. Самуил Б. Бернштејн, која е напишана во 1947 година и која повеќе од 70 години се сметаше за загубена.