Македонска верзија на серијата „На терапија“ во продукција на „Кино око“

Сподели

Во продукција на „Кино око“ од 4. септември ќе почне емитувањето на ТВ-серијата „На терапија“, прва македонска ТВ-продукција снимена според странска лиценца во која играат домашни актери.

Оригиналната серија „На терапија“ потекнува од Израел и е креирана од Нир Бергман, Ори Сиван и Хагаи Леви.  Леви е познат и по работата на серијата „The Affair“ наградена со неколку награди „Златен глобус“.

По големиот успех во матичната земја, во 2008 година лиценцата за серијата ја откупи американската мрежа ХБО која продуцира три сезони со познатиот актер Гебриел Брн во улога на психотерапевтот.  Серијата веднаш стана популарна и доби ласкави критики и неколку награди ЕМИ и „Златен глобус“. Потоа се снимаат верзии во Канада, Аргентина, Бразил, Јапонија, Холандија,  Чешка, Полска и Италија. Во балканскиот регион досега се снимени романска, словенечка, српска и хрватска верзија.

Актерската екипа во македонската верзија на серијата ја предводи Никола Ристановски во улога на психотерапевт, заедно со Јелена Јованова, Амернис Нокшиќи, Тони Наумовски, Ангела Димитрова, Драгана Костадиновска, Висар Вишка и Бедија Беговска.

„Кино око“ информира дека ТВ-проектот е придружен и со промотивна кампања, која ѝ овозможува на публиката да се запознае со ликовите од серијата пред почетокот на  емитувањето, преку нивните Фејсбук, Твитер и/или Инстаграм профили.

Повеќе детали за проектот  се достапни на официјалната веб-страница www.NaTerapija.mk.