На летната киносцена на Кинотеката месецов ќе бидат прикажани остварувања од домашната кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација. Ќе се прикаже филмот „Жед“ на легендарниот и филмски и театарски режисер Димитрие Османли. Тоа е втор долгометражен игран филм во продукција на „Филмско студио“ – Скопје и на дистрибутерската куќа „Македонија филм“. Ќе се одржи и проекција на филмот „Волча ноќ“, во режија на Франце Штиглиц и според сценарио на македонскиот писател Славко Јаневски.
Во рамките на месечната понуда ќе бидат прикажани квалитетни современи остварувања, како: „Исцелител“, „Домаќинство за почетници“, „Ругање со Христа“, „Балканкан“ и „Скопје ремикс“.
Средината на овој месец е резервирана за содржините селектирани од филмскиот фестивал „Синедејс“.
Репертоарската понуда се заокружува со прикажувањето на филмските материјали што се однесуваат на земјотресот што го зафати нашиот главен град во 1963 година, како и со промоцијата на „Македониум: Драматургија на недовршеното“, колаборативен филм на режисерката Теона Стругар Митевска и уметниците Христина Иваноска и Јане Чаловски, работен врз основа на истоимената книга на Иваноска и Чаловски, која се фокусира на приказната за „Македониум“, најистакнатиот меморијален комплекс изграден во социјалистичка Македонија.