Стравот не е добар советник, вели една германска поговорка. Напати умни луѓе во Македонија се ужаснуваат од самиот факт што, според Договорот, во името на државата ќе стоела придавката „северна“. Оти ја асоцирале со студ и мраз. Настрана што ова е доказ за мислење во јазични стереотипи.
Поважно е да сфатиме дека зборовите ја добиваат содржината што ние им ја даваме. Ниту зборот Југ, како синоним за топлина и сонце, не е волшебна формула, не е доволен сам по себе. Македонија има сонце и стара култура – но, сепак, таа до денденес не стана за светот синоним за јужната клима и култура, на пример, како италијанската Тоскана. Секако, Македонија и како Република Северна Македонија би можела да стане „македонска Тоскана“. Само за тоа треба работа, ум и иновативен дух.
Постојано ме прашуваат загрижени луѓе на Фејсбук што се‘ ќе се викало „северномакедонско” кога ќе се имплементирал Договорот. Особено, дали јазикот ќе се викал „северномакедонски”. Дали Македонците ќе биле „Северномакедонци“ или само „Македонци“? Тоа што стравуваат и не се сигурни, тие луѓе ги прави подложни за секакви манипулации. Тоа, пак, значи дека тие не го прочитале Договорот. Јазикот таму е јасно означен како „македонски”. Тој и денес не се вика македонски заради името на државата. Името на државата не мора секогаш да биде идентично со името на јазикот и народот во една држава. Државата на Германците официјално се вика Сојузна Република Германија. Но, јазикот не се вика, по автоматизам, „сојузнорепубликанскогермански”. Тој не се викаше ниту во бившата ГДР „германскодемократскогермански”, туку само германски. Ниту јазикот на Британците не се вика „великобритански”, иако земјата се вика Велика Британија. Не само зборовите, ниту придавките не се волшебна формула.
Што значи тоа за Македонците: дека со Договорот само е зацртана конечната „рамка” за легитимацијата на македонската држава. Процесот на одбраната на нејзиниот профил, нејзината цврста идентитетска слика, на нејзините јасни културни особености, не само пред Грците, туку и пред целиот свет, за првпат во историјата ќе го водат и обликуваат самите Македонци. Затоа тие треба јасно да знаат кои се и што ги одликува како различни од сите други народи околу нив – за да може и светот да ги почитува како такви. Досега, за жал, и со своја национална држава, Македонците не постапуваа умно. Де тврдеа дека се Бугари, де антички Македонци. Тоа беа нивните најголеми искушенија на патот на самостојноста. Секако, со тоа тие оставаа впечаток дека уште не знаат кои се. Но, и тоа е разбирливо за народ кој долго немал национална држава. Токму во таа смисла овој миг е историска шанса, затоа што во минатото никој не ги прашуваше Македонците како се чувствуваат. Сега се‘ зависи од тоа колку ќе бидат кадарни самите Македонци да го уверат светот кои се тие самите. Едно е да сме уверени ние дома кои сме, друго е да го увериме светот кои сме. За тоа треба ум и мудрост, но и политичка визија за иднината.
Кица Колбе