Малезија: Удвоен бројот на евакуирани поради монсунските поплави

Сподели

Над 19.000 луѓе се евакуирани од две држави во североисточниот дел на Малезија поради монсунските поплави чиј интензитет се засили синоќа, јавува Anadolu Agency (AA).

Државниот оддел за цивилна заштита денес соопшти дека бројот на жителите погодени од поплавите во државата Теренгану се зголемил на 10.734, за разлика од 4.352, колку што беше објавено вчера.

Во исто време, се зголеми и бројот на прифатните центри кој вчера изнесуваше 77, денес е 124, а во нив се сместени 3.161 семејство.

Во меѓувреме, порасна и бројот на евакуирани лица во соседната држава Келантан, од 6.110, колку што беа вчера, на 8.640 лица од 2.808 семејства.

Властите денес затворија 111 училишта во кои настава посетуваа вкупно 32.000 ученици и околу 3.500 наставници.

Досега не се регистрирани човечки жртви во поројните дождови што почнаа пред Нова година.

Монсунските поплави не се ретка појава во Малезија, која секоја година е погодена од големи поплави.

Кон крајот на 2014 година, земјата ја погодија најголемите поплави во последните 30 години.