Лидерот на СДСМ и македонски премиер Зоран Заев, од предизборен партиски собир деновиве повика на конечна пресметка со последното упориште на бившиот криминален режим, цврсто забарикадиран во највисоките правосудни органи. Притоа процени дека како резултат на таквото дејствување подолго време е блокирано спроведувањето на повеќе реформски зафати, што во крајна линија ги сопира македонските евроинтегративни процеси. Од тие причини побара итно прочистување на судската и обвинителска фела од сите поединци кои што поради коруптивни или политичко-партиски причини ги злоупотребиле своите службени овластувања.
Фактички, со задоцнување од три години премиерот Заев го констатира она што своевремено беше прецизно предочено во европскиот извештај на Прибе: без итни и коренити реформи во безбедносниот и судски систем, демократските промени во државата ќе бидат невозможни. За жал, иако беше целосно свесна за приоритетното значење на овие укажувања, новата власт се определи предимство да им даде исклучиво на прашањата со евро-атлантските интеграции, а тоа е решавањето на спорот за државното име со Грција и меѓусоседските односи, сметајќи дека патем, со помош на новосоздаденото Специјално јавно обвинителство етапно ќе ги разрешува проблемите во правосудната сфера.
Меѓутоа, грешките во чекори подоцна се покажаа кобни: неспорните резултати на меѓународен план, рангирани како историски остварувања, беа платени со низа правни компромиси на внатрешен план кои што овозможија искомпромитираното судство несметано да продолжи да диктира постапки и услови во правец на заштита и одбрана на криминалитетот на претходната власт, доведувајќи го дури и самото СЈО во правен ќорсокак и до самоукинување.
Во околности кога на чело на највисоките судски и обвинителски институции, како што се Уставниот, Врховниот, Кривичниот суд, Републичкиот судски совет, Државното обвинителство, се наоѓаа личности поставени и диригирани од партиската централа на ВМРО-ДПМНЕ, логично беше да се очекува истрагите и обвиненијата на СЈО никогаш да не добијат конечен судски епилог.
Залудни беа своевремените предупредувања на учесниците на Граѓанскиот отпор и на Шарената револуција дека напоредно со меѓународните активности владата на Заев мора неодложно да се зафати со внатрешните реформи, при што прва задача треба да биде расчистувањето со организираниот криминал на поранешниот режим и прочистување на судските редови. Но, исто така и кадровски промени во одделни ешалони на новата власт, каде што поради честите отсуства од земјата на премиерот Заев, завладеа самоволие, јавашлук и расипништво.
Во меѓувреме, стануваше се повидно дека започнатата битка со организираниот криминал не ги дава очекуваните исходи, бидејќи голем број од спроведените истраги на СЈО, намерно беа заглавени во судските лавиринти. Податокот дека од стотина осомничени поранешни високи функционери, овинети за најтешки кривични дела, само неколкумина добија судски пресуди јасно зборува за опсегот на испланирани блокади во водењето на судските процеси.
Според тоа, повикот и заканите на Заев за утврдување на одговорноста на сите оние чинители во судството кои ги прекршиле законските овластувања или на било кој начин профитирале на сметка на незаконитоста, само неколку месеци пред изборите, не може да се протолкува поинаку освен како обид за самооправдување пред јавноста за сите пропусти и недоследности на неговата влада во поглед на бавното спроведување на судските реформи.
Пропусти и грешки кои што можеби ќе бидат пресудни за неговото натамошно останување на власт!
denesmagazin.mk