Манчевски: Граѓаните ги интересира да добијат ефикасна, брза услуга и да платат помалку за истата

Сподели

 

Главни исчекори во годината што измина, како што посочи Манчевски во интервјуто за МИА се неодамна пуштениот нов Национален портал за електронски услуги, преку кој наскоро ќе има и електронско запишување во градинка, Електронскиот регистар на население, како и Предлог-законот за висока раководна служба.

 

Како ја оценувате годината што изминува за Вашиот ресор?

– Честопати кажував дека 2017 и 2018 беа години на фрустрација за мене лично затоа што беа години во кои се подготвуваа доста стратегии, анализи, подготвувавме законски решенија, а 2019 конечно беше година на решенија, испорака, на видливи или конкретни резултати за граѓаните. Особено вториот дел од годината каде што реализиравме неколку крупни проекти и во делот на информатичкото општество и во делот на реформата на јавната администрација, така што апсолутно конечно на крајот на годината можам да кажам дека сум задоволен од тоа што го направивме. Беше мачно, многу тешко, требаше многу работа од сите вработени во Министерството, но и од други институции што се поврзани и со реформата на администрацијата и со информатичкото општество, затоа што, пред сè, сето она што го работиме овде ништо не е проект само на МИОА, туку се хоризонтални системи што треба да ги користат другите институции. Еве, јавноста е сведок, пред неколку дена го пуштивме во употреба новиот Национален портал за електронски услуги, неколку недели претходно Централниот регистар – електронскиот регистар на население, но за тоа да се случи, беа потребни многу работи што не се видливи за граѓаните и под овие системи да се изградат за да можеме на крајот ова да го пуштиме во функција. Го донесовме на Влада и новиот закон за високораководна служба, така што ова се три огромни исчекори во двете области со коишто можеме да кажеме дека успешно ја завршуваме годината.

Што е видливо за граѓаните од сите активности што ги презедовте во изминатиот период од аспект на реформата на администрацијата?

– Јас секогаш велам дека во 21 век реформа на администрација се прави со дигитализација. Овие другите делови некако многу во медиумите и во јавноста зборуваме за тоа, но граѓаните ниту ги гледаат ниту, пак, ако некој ме праша многу ги интересира. Граѓаните ги интересира да добијат ефикасна услуга, брза услуга, да платат помалку за таа услуга и едноставно да им се олесни начинот на којшто ги добиваат услугите. И затоа сметам дека токму овие последните неколку проекти што ги набројав се клучни. Значи, Националниот портал за електронски услуги, Централниот регистар на население, но за да стасаме до тоа ние воведовме и електронски систем за водење управни постапки. Што значи тоа? Сите овие 20-тина институции коишто се поврзани на тој систем управните постапки ќе ги водат електронски, што значи граѓаните многу побрзо ќе ја добијат услугата.

Интервјуто на министерот Манчевски за МИА, во целост прочитајте го тука