Манчевски: Ќе обезбедиме професионална администрација

Сподели

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денес ја презентираше Стратегијата за реформа во јавната администрација за периодот од 2018-2022 година и Акцискиот план кои беа усвоени на последната седница на Влада.

Целта на Стратегијата е да обезбеди ефикасна, продуктивна и професионална јавна администрација.

„Ова е прв документ за реформа во јавната администрација што во себе содржи акциски план, конкретни индикатори и буџет за реализирање на мерките. На овој начин ќе го избегнеме ризикот реформата во јавната администрација да биде само уште еден документ на хартија”, истакна министерот Манчевски.

Стратегијата предвидува четири клучни области како што се: креирање и развој на политики, јавна служба и управување со човечки ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност и давање услуги и ИКТ поддршка на администрацијата.

Министерот посочи дека во Стратегијата се предвидува и план за деполитизација на администрацијата, како еден од основните проблеми детектирани во изминатиот период. Тоа ќе се обезбеди преку унапредување на постапките за селекција, вработување и унапредување врз основа на начелата на заслуги, еднаков и фер третман, како и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците.

„За постигнување на поголема ефикасност и професионалност, системот за оценување на административните службеници ќе се редефинира. Ќе се постават основите за наградување според учинок за да може во подоцнежните фази од реформата истиот да биде поврзан со системот на плати”, рече министерот Манчевски.

Во однос на следењето и оценувањето на СРЈА, МИОА, се обврзува да доставува извештаи за спроведувањето на Акцискиот план до Советот и до Владата.

Дополнително, во насока на обезбедување на транспарентност и инклузивност во процесот на следење и известување, ќе се одржуваат редовни средби со сите засегнати страни. Предвидени се јавни расправи за степенот на имплементација и постигнатите резултати на Стратегијата и за предлози за ревидирање на Акцискиот план. Јавните расправи ќе бидат отворени за сите засегнати страни.