„МРТВ е срам, дно и целосно под политичка контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија нема јавен сервис на граѓаните“.
Министерот за администрација и информатичко општество, Дамјан Манчевски по една година на функцијата јавно ја нападна националната телевизија МРТ на својот „Твитер“ профил. Без да даде детали на што го темели остриот став тој напиша дека тоа е негово лично мислење.
Уредничкиот колегиум на јавниот сервис ги осуди квалификациите и ги отфрли обвинувањата на министерот.
„МРТ обезбедува вистинито и непристрасно информирање и ниту застапува ниту заштитува ставови и интереси на политички партии, а најмалку од се создава програма под нивно влијание. Граѓаните имаат јавен сервис на којшто може да му веруваат, а ставовите на министерот Манчевски може да се толкуваат само како обид за притисок врз професионалното работење на Македонската Радио- телевизија“ – велат од колегиумот на МРТ.
Но, со работата на јавниот сервис не е задоволна ниту Владата. Таа даде негативно мислење за годишниот извештај, со што станува извесно дека тој нема да биде прифатен ниту во Собранието. Тоа, пак, може да повлече барање за оставки или разрешување на првите луѓе на МРТВ.
Пред неколку месеци програмскиот совет го реизбра Марјан Цветковски за директор на јавниот сервис, што предизвика бурни реакции. Тој денес не сакаше да ја коментира состојбата во МРТВ.
Реформата на медиумите е клучна за евро-атланските интеграции на Македонија. Но законот за медиуми заглави во собраниската процедура. Мнозинството го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека намерно го блокира носењето на законот за да не се случат промени ниту во МРТВ ниту во Агенцијата за медиуми, кои треба да ја повлечат целата реформа.