МАНУ опасна по (со)живот! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Кога САHУ во Србија ја измешале во дневната политика, настана крвава војна и распад на Југославија. За жал сеуште и нам паметот ни се движи во спротивна насока на логиката. Една значајна структура во државата, од моноетнична вест, несвесно со години создава амбиент каде што главниот збор вo име на Бога го има ѓаволот! Структура на самопрогласени големи имиња, водени од логиката на голема имагинација, а со мали срца. Тие и без голем ум, ќе решавале големи проблеми! Рака на срце, во МАНУ имало и има и луѓе со големи визиии и алтруизам, но сепак ова институција била доминирана од антикохезивни менталитети.

Затоа МАНУ не ужива голем респект кај албанската заедница. Не само порди затворени врати, туку поради бројни други прашања – политизација во врска со потеклото на Албанците во фамозната Енциклопедија, ставови за „враќање на унитаризмот“, ставови за напуштањена про-западната ориентација, за укинување на балансерот итн. Пред три години кога се здружија МАНУ, Православната црква и УКИМ за некаков политички памфлет против западната ориентација беше врв на недовербата. Иако тогашната власт леташе високо со лажно вселенско летало. Дури не веруваше дека постои приземување. Па затоа им се случи хаварија! Но, и МАНУ живеела во некаква своевидна имагинација. Познато е дека имагинацијата знае да биде добар инспиратор, но лош сојузник. Впрочем, имагинацијата може да не носи таму кај што сонуваме, ама само логиката може да не носи таму кај што треба! Поради неа не претекнаа сите околни држави кои пола век биле зад нас. А ако продолжиме вака и државата ќе ни излета од шини. Со децении лекот на редици влади (често аминуван и од МАНУ), знаел да биде полош и од самата болест! Лошото коалицирање за во рајот, лесно завршува во пеколот. За потоа пак сите да се запрашаме – АКАДЕМИЕ умот!? При такви имагинарни игри можете да почнете како ловец, ама да завршите како плен!

Академиите во светот служеле како демократска и развојна авангарда, за демократизација и толеранција, а никако како дувло на национализам. Сега во бројни демократски држави воопшто и не постојат такви универзални научни куќи, туку специјализирани научни институции кои допринесуваат за општ развој и добиваат надомест според заслугите во конкурентни проекти. Познато е дека најважните научни институции низ светот биле на страната на толеранцијата, мирот, меѓусебното разбирање, а никако во служба на поттикнување омраза и раздор. Кога едни делувале во име на Господ, а за сметка на ѓаволот, секогаш се завршувало во пеколот!

Без дилема дека МАНУ во одделни периоди одиграла позитивна улога. Властите оправдано се плашеле од нејзе. За разлика од подоцнежните периоди кога таа молчела штом самата била задоволна. Таа и сега е во облаци. Нема јасен став во дилемата ЕУ или „БРИКС“, „Појас и пат“, кај што главната улога ја играат Кина и Русија, и кај што државите не добиваат никаква финансиска помош, туку служат само како пазар за големите! МАНУ молчеше и кога нејзиниот претходен претседател, почитуваниот Коцарев „Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија ги нарече за „недостоинствени за граѓаните на Македонија, оти се резултат на геополитички игри на големите сили кои ова држава ја претворија во поле на своевиден експеримент“! Дека „Западот (особено САД) е подготвен да жртвува еден неважен пион – Македонија, за поголем геополитички интерес, дури и ако тоа значи распаѓање на државата и обновување на регионалниот поредок“! А секој што знае букви, разбира дека Македонија е создадена и сочувана токму од Западот (особено од САД)! Да не беше така, таа веднаш ќе беше поделена од соседите, а не да ја молат цели 34 години за да стане нормална држава! Значи од тој момент кога таа би се збогувала од САД, би останала без заштита, а веројатно и без себе. Македонија нема објективи за да добие заштита и пријателство од Русија, не само поради тоа што е мала, туку најмногу поради тоа што два нејзини соседи кои би ја голтнале, за Русија се многу поважни од неа (Србија и Бугарија). Во тоа друштво Македонија може да служи само како „испечено јагне“ на нивната маса! Чудно е паметни луѓе од науката да мислат дека волкот најдобро може да ни ги чува овците!

МАНУ за големи и суштински прашања како да е навиканта да молчи. Таа ништо не вели зошто само ние економски назадуваме во регионот, а сите околни држави кои многу биле зад нас не претекнаа и стасаа до Европа. Ниту се потруди да не научи барем да не врескаме против нормалното! А загубејќи драгоцени години стасавме до самото дно! Докажавме дека и под дното има уште една дупка! А врескаме против нормални работи!

Бугарија беше 30 години зад нас, а сега е 10 години пред нас. Кој е виновен за 40 загубени ефективни години освен ние самите? Тука научниците и академиците не требаше да поставуваат прашања, туку да дадат одговори. Многу е лесно да се заведат луѓето со фразите: „А зошто Бугарите не ги признаваат Македонците како малцинство во нивна територија“!? или Зошто тоа не го прави Грција?! Па, штом си пропуштивме експресен воз да бидеме заедно со Словенија и многу други држави од истокот на Европа, нам ни преостана само магарето кој и така има голем инает пред мостот. Нели, да бевме паметни ние пред Бугарите ќе станевме членство во ЕУ. Тогаш проблемите ќе ги решававме како што самите ќе сакавме. А не вака како што другите сакаат, ама по наша вина!

Ако го јаваме коњот на историјата, порано или подоцна ќе разбереме дека тој ти бил опасен Тројански коњ. Албанија ја избегна таквата замка. Во Грција живееле голем број Албанци (Чами), кои низ времето буквално биле истерани и масакрирани од Грци. Имотот им бил одземен, и ден денес никому ништо не е вратен. Но, Албанија цело време продолжува да биде внимателна оти тоа може да ја чини скапо. Моментално во Грција работат околу 600 илјада албански граѓани, замислете таа нив да ги протера од своја територија! А Грција секоја година, директно или преку меѓународни организации до небо ќе се развика за „газњето“ на правата на грчкото малцинсто во Албанија (а таму живеат само околу 2% Грци)! Во Грција живеат и околу 200 илјади Турци, кои дури не се признати ниту како етничко малцинство, туку како верска групација, но Турција постапува внимателно. И во Бугарија живеат многу Турци. Прагмата вели дека утре во други околности ќе можете да се посветите на тоа. И да успеете во тоа. Поинаку вечно ќе го чекаме Годо кој никогаш нема да стаса. Господ ни подарил мозок, ама не и упатство за негова употреба!

Да не беше така немаше перманентно да гаѓаме со солунски топови. Повеќе од 33 години култивираме внатрешен и регионален национализам, територијални провокации, додека некои други беа зафатени со криминална приватизација. А глупавиот национализам и „патриотизам“ само што фрлаше магла тоа да не се гледа! Загубивме три и пол златни декади, долг период за градење нормална држава. Ама ние го пропуштивме. И ден денес продолжуваме со хистеријата, и никако да разбереме дека само со паметна политика се отвораат златните порти!

Денес доминатно мислење е дека МАНУ троши огромни пари за симболични резултати. Странците во доверба ќе ви кажат дека таа го храни општеството со празна лажичка. Нејзиниот статус треба да се смени. Во бројни развиени земје такви монополни структури веќе се минато. Обично, постојат специјализирани научни институции кои нудат визии, излезни решенија за сите внатрешни и надворешни проблеми, но со проекти, па никој не добива никакви паушали.

Академија за Албанците?

Коалициониот партенер на власта „ВЛЕН“ првично ја поддржа иницијативата за „Академија на Албанците во СМ“, со некакво општинско финансирање. Но, поради жестоки критики од сите страни, тие изгледа се спремни за компромис. Премиерот Мицкоски е јасен дека „ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла и оти иднината не е во поделби, туку во обединување“. Познатиот академик Таки Фити, во еден медиум оцени дека станува збор за „апсурдна идеја“, бидејќи „во ниту една современа земја нема две национални академии“. И дека академија не може да се формира врз основа на етички принципи. Во таа насока е и академик Алајдин Абази, кој е актуелен потпретседател на МАНУ.

Првиот потпредседател на владата Меџити вели дека „сега тоа што го бараат е да бидат вклучени и во научните истражувања и во академскиот дел. Тоа е за поздравување и мислам дека тоа ќе наиде поддршка и од поголемата заедница, т.е. од Македонците“, изјави тој. И продолжил – “Ама и МАНУ треба да ги отвори вратите.“

Кој и да е аргумент за научна (не)спремност, во никаква логика не може да се оправдува тоа како од досегашната бројка од 54 академици, само двајца да се Албанци!!! Попрвин тоа зборува за системска болест коа што побрзо треба да се излечи. Цената на лекот зависи само од нас. Власта треба да стане свесна колку брзо гласачите знаат да се покаат. Тие брзо сфаќаат дека им дале срца на оние на кои им требал ум!