Мари Колинс ја напушти папската комисија за борба против сексуалната злоупотреба

Сподели

Мари Колинс, членка на папската комисија за заштита на децата во борбата против сексуалната злоупотреба поднесе оставка поради недоволна комуникација со комисијата, бирократијата и дејствувањето на државните институции на Ватикан, јавува Anadolu Agency (АА).

Колинс во 2014 година стана дел од шестчлената екипа чие формирање го наложи папата Фрањо. Нејзиното именување во комисијата тогаш дополнително одекна во јавноста поради фактот што и таа во детството била изложена на сексуална злоупотреба од страна на католички свештеник.

Во изјавата за „Нешнал католик репортер“ таа изнесе некои обвиненија на сметка на работата на комисијата.

„За разлика од позитивното претставување во јавноста, зад затворени врати работите се сосема спротивни“, изјави Колинс и додаде дека комисијата на некој начин ги штити оние што биле вмешани во сексуалните злоупотреби.

Колинс исто така изјави дека е разочарана поради недоволната комуникација со институциите под управата на државната власт на Ватикан и недоволната комуникација со комисијата. Меѓутоа, таа изјави дека ќе продолжи да учествува во процесот на едукација против сексуалната злоупотреба на децата од страна на свештениците.

Претседателот на комисијата Шон О’Мали и папата Франциско ѝ се заблагодарија на Мари Колинс поради придонесот во комисијата. На овој начин, комисијата остана без ниту еден член што некогаш бил изложен на сексуална злоупотреба.

Кога во 2013 година папата Франциско го презеде лидерството над католичките верници, тој најави борба против сексуалната злоупотреба на децата од страна на свештениците.

Anadolu Agency