Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, заедно со владината делегација предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи присуствуваше на состанокот на меѓувладината комисија, по кој беше потпишан Протоколот.
“Денес отворивме европско поглавје во односите со соседна Бугарија. За стратешките и важни прашања нема друга алтернатива освен компромисни решенија кои ја враќаат довербата и градат партнерства и сојузништва”, вели Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ смета дека со потпишувањето на Протоколот, Договорот за пријателство и добрососедство веќе добива нов дух, а Бугарија станува наш партнер и сојузник на европскиот пат, што било потврдено и на состанокот на меѓувладината комисија дека со овој чин ја зајакнуваме меѓусебната доверба и улогата на соработката.
Секторските групи продолжуваат да работат и во следниот период ќе се фокусираат на заедничко делување во менаџирањето и надминувањето на кризите со кои се соочуваме. Имаме здрава и цврста основа да го продолжиме дијалогот во позитивна атмосфера, достоинствено чекорејќи кон ЕУ, истакна вицепремиерот Маричиќ на состанокот.
Од Секретаријат за европски прашања велат дека владините претставници од двете држави имаа конструктивна средба во пријатна и пријателска атмосфера со силно изразена политичка волја од двете страни за успех во евроинтеграцискиот процес и интензивирање на соработката помеѓу двете држави.