Образованието и младите ќе бидат во фокусот на овогодишното одбележување на Меѓународниот ден на толеранцијата. Причините се сериозни и секојдневно видливи – најчести извршители и жртви на злосторства од омраза се малолетни лица, а подемот на меѓуврсничкото насилство дополнително се зголемува со користењето на социјалните мрежи. Намалената толеранција на младите кон различностите е резултат на повеќе околности во општеството, но образованието се издвојува како еден од најпроблематичните фактори, со оглед на неговото клучно влијание во изградбата на ставовите и светогледот на младиот човек.
И покрај обемната материја со која се оптоварени децата и младинците во образовниот процес, училиштето сепак ги лишува од клучни животни вештини, од кои потоа зависи кохезијата на целото општество и иднината на цели генерации. Младите речиси и не се оспособуваат за критичко мислење.
Учебниците и наставните програми се полни со дискриминаторски содржини, кои само ги зацврстуваат вкоренетите стеретотипи и предрасуди. Целосно е занемарена важноста од едукација за ненасилно разрешување конфликти.
Долгогодишното игнорирање на потребата од сеопфатно сексуално образование ги направи младите дополнително затворени, ранливи и подложни на насилство.
Исто така, неинформираноста на младите, но и нивното опкружување, раѓаат предрасуди и нетрпеливост во однос на децата со попреченост и нивното вклучување во редовното образование.
На 16-ти ноември ќе побараме вистински да се активира декларираната политичка волја за квалитетно и сеопфатно образование. Ќе апелираме за темелни промени во образовниот процес и содржини кои ќе соодветствуваат со времето во кое живееме и со реалните потреби на младите луѓе. Ќе ги повториме многупати изречените пораки за прочистување на наставните материјали од содржини кои дискриминираат и ја оправдуваат нетолеранцијата помеѓу различните групи и поединци. Ќе побараме континуирана надградба на наставниот кадар. Ќе порачаме дека образованието не смее да биде терен за перпетуирање на мислења и ставови кои предизвикуваат омраза, поделби и насилство. Ќе побараме суштински пресврт во образовните политики, кој ќе ги зајакне и научи младите како да се справуваат со животните предизвици – но на хуман, толерантен и ненасилен начин, со штитење на личното и туѓото достоинство и живот.
Придружете ни се на Маршот за толеранција 2019 за заедно да побараме коренити промени, онаму каде што растат и зреат идните граѓанки и граѓани.
-Хелсиншки комитет за човекови права
-МОФ
-ХЕРА
-Коалиција Маргини
-Национален Ромски центар
-Реактор
-Национален совет за родова рамноправност (СОЖМ)