Колку е значајна традицијата и колку таа се пренесува на генерациите во нејзината оригиналност и во услови на одредени кризи?
Отворена покана до сите да ни се придружат на работилницата посветена на мартинките – начинот на изработка и традицијата.
Онлајн работилницата ќе се одржи на 1-ви март од 19:00 часот.
На настанот ќе говорат:
• „Кои се чуварите на традицијата?“ проф. д-р Соња Ризоска Јовановска
• „Плетење на душата“, проф. д-р. Мирослав Пендаровски
• Низ нишките на поезијата на Ана, сите ја дишеме љубовта – поетесата, Ана Бунтеска.
• „Традицијата во мозаикот на калдрмата“, Слаѓана Ставрева, долгогодишен писател (проза и поезија)
• „Ехото на традицијата низ литературата“, Татјана Алексиќ, професор по македонски јазик.
Време да се потсетиме на еден значаен празник во календарскиот циклус, со сите негови атрибути на создавање, прославување, негување, зачувување, во контекст на етнолошкото, антрополошкото и психолошкото значење.
Станува збор за 1-ви март, Летник, денот кога во верувањата на многу култури е ден кога може да очекуваме сè и сешто, и добро и лошо, и сонце и снег, но и денови на прочистување на „душата“. Луѓето во обидот да се заштитат создале традиција со изработка на „мартинки“ од црвен и бел конец со уверување дека на тој начин ќе се заштитат од лошите сили во годината што доаѓа.
Симболика на мартинката како особено културно облежје претставува дар за секого на кого му посакуваме здравје, среќа, бериќет, а белата и црвената боја ја потенцираат радоста, вербата во животот, чистотата и надежта кои се многу значајни одлики за опстојување на човештвото. Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 март – Мартинки станаа дел и од светското нематеријално културно наследство и се впишаа во репрезентативната листа на УНЕСКО од пред неколку години.
Ве покануваме да ни се придружите на нашата онлајн работилница каде сите заедно ќе проговориме за улогата на мартинките во нашата традиција. Време да и се вратиме малку на традицијата, да ги повикаме и оние од кои сме ги научиле овие обичаи, да проговориме кој не научил да ги иразботуваме, да направиме една широка лепеза на изработка на мартинки и да подариме некому кого одамна не сме го виделе поради пандемијата.
Можеби мартинките ќе ни заменат една прегратка, еден рој зборови на она што го чувствуваме, а не можеме да го кажеме. Ги повикуваме сите, од сите генерации, од сите простори за да станеме барем за миг –ЧУВАРИ НА ТРАДИЦИЈАТА.
Се што треба да направите е да им се јавите на вашите блиски и да ги замолите да ви раскажат за оваа традиција на правење мартинки, да ги поканите оние кои сакаат да ни раскажат нешто за како било некогаш и колку од обредните активности се сочувани сега.
Настанот е во организација на Институтот за култура и уметност при Меѓународен Славјански Универзитет.