На плоштадот Македонија почна традиционалната манифестација „Матурска парада 2018“, и околу 1.000 матуранти го заиграа танцот кадрил.
„Нè радува што една манифестација која започна како интересна и благодорна идеја прерасна во традиција. Пред нас е 11. издание на манифестацијата ‘Матурска парада’ во која очекуваме да се вклучат над 1.000 матуранти од повеќе средни училишта од Скопје, како и матуранти од Струга, Охрид, Струмица и од Гевгелија. Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, в петок во исто време кадрил ќе заиграат и матурантите од 10 европски држави. Нè радува што сме организатори на овој настан, кој верувам дека останува длабоко врежан во сеќавањето на секој матурант. Им се заблагодарувам на поддршката на Град Скопје и на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја“, вели Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност.
Како и изминатите години, учесниците на парадата – матурантите пред одигрувањето на танцот ќе положат заклетва за ненасилство заедно со своите врсници од сите држави учесници во овој настан.