Ме оставивте сам…! Заминувам – Јове КЕКЕНОВСКИ

Сподели

Jove-Kekenovski

 

 Утре на полноќ започнува изборниот молк. Во борбата за собирање на политички поени и спас на сопствената предвидилива иднина можно е сѐ да се очекува во секоја наредна минута. Но, што и да се случи во наредните 36 часа, сигурен сум дека граѓаните на нашата држава нема да останат посиромашни, а да не го слушнат завршното и (последно) обраќање на лидерот во заминување Груевски. По логиката на нештата со оглед на сите досегашни случувања претпоставувам дека ќе бидеме сведоци на една трогателна беседа.

Би требало тоа да биде тирада во која посебен акцент би бил ставен на желбата да се оправда и да му објасни на својот народ дека тој (Груевски), не ја предизвикал и не ја посакувал кризата која започнала пред скоро две години. Со полу плачлив глас вината по којзнае кој пат ќе ја префрли на опозиционите партии, внатрешните непријатели и странските амбасадори! Ќе се обиде со своите сопствени марифетлуци (полу улични и оние принаучени додека е на власт од Високата школа за марифетлуци), да порача дека ова е време да се БИДЕ или НЕ.

Груевски ќе настојува (онака како што и досега го правеше) да го убеди партиското членство и јавноста дека повеќе од деценија и пол од својот живот го посветил и бил жртва за државата и граѓаните. Ќе бидеме сведоци на веќе виденото самопризнание како тоа целата негова енергија и негово здравје го потрошил на добробит за неговиот народ. Народот бил тој кој му давал сила да ги донесе сите негови најважни одлуки иако никогаш и за ништо не го консултирал.

За обидите за трговијата и промена на името на државата допрени до јавноста од објавените прислушувани разговори, за Монструм, за Диво насеље, за кинеските провизии, за плацевите на Водно нормално нема да стане збор, бидејќи тие и понатаму ќе останат во сверата на сеченото, лепеното, монтираното и креираното! За практикуваната демагогија, манипулативноста, нечесната работа и криминалите, за огромната задолженост на државата, за сиромаштијата и дереџето до кое сме доведени ќе бидат обвинети странските служби како и домашните неистомисленици, петтколонаши. Не… барем тие не лажеа, крадеа и осиромашуваа.
На крајот на неговото обраќање ќе треба да слушнеме како и тој не ја сакал кризата, ама ете неговите непријатели ја создале истата затоа што сакале да го уништат не само него, туку и партијата и државата. Притоа гласно ке најави дека тој ке победи на изборите и дека ке освои повторно најмалку 63 послушника.

Хммммм да….. Навистина ќе го изговори тој фамозен збор победа, ама колку верува во тоа, тоа е соема друго прашање! Иако пред очи му се сите досега направени далавери со купувањето, уцената и заплашувањето на гласачите, неоткриените двојни гласачи во избирачкиот список сепак се посилно го јаде црвот на сомнежот за евентуалниот неуспех. Влогот е голем затоа што влогот е сопствената иднина. Иако нема да биде споменато во неговото обраќање сепак повеке сум од сигурен дека во неговата потсвест постојано ќе провејува она што постојано го мисли, а што не го кажува. Што доколку не победам?! Што да правам тогаш? Ова прашање постојано ќе одзвонува во неговата глава.

Во меѓувреме ќе се обиде да се запраша каде згрешил. Постојано ќе размислува како тоа толку скапо платените и преплатени квaзи интелектуaлци и сaмoпрoглaсени „експерти” и милионски потрошените евра за скапи реклами, корупција и контрола на медиумите не можат да му ја донесат толку и досега најпосакуваната победа. Никако нема да си признае дека народот се освести и охрабри, дека повеќе не им верува на неговите вешто пласирани лаги и манпулации.

После многу рамислувањавата и хаос во неговата глава, претпоставувам дека донесувањето на неговата клучна и конечна одлука во недела околу 18 часот ќе оди во следнава насока: ,,Доколку излезноста е околу 60% уште во 21 часот ке излеземе и ќе прогласиме победа. Но доколку таа е голема и се движи во насока да биде поголема од 65%, шансите за мој успех се сѐ помали. За да не се доведам во ситуација после изборите да станам ,,невина” политичка жртва најдобро е јас и фамилијата да си заминеме накратко од државата и да почекаме подобри времиња. Ќе мине малку време и ке се вратиме…. Ќе ги дооправиме сите овие неранимајковци”!? Оваа негово размислување ќе го зајакне и сознанието дека македонските Борман и Гебелс ,,верни” сопартијци и соборци на македонскиот вожд веќе се вклучени во програмата за заштитени сведоци .

Доаѓајќи до самиот крај на ова можно сценарио на настаните во наредните часови сакам да упатам на една размисла која вели дека партиите најчесто се распаѓаат од ,,мангупите” и од прислужниците во сопствените редови. А кај нас колку ви душа сака вакви инстант приучени и безобразно дрски ,,мангупи” и родени подлизурковци кои на крајот ќе останат со средниот прст во уста и во очекување на споделување на одговорноста за учество во злосторничко здружение. Вождот чија позлатена маска одамна се распадна заради сопствен спас најверојатно е принуден да глуми храброст до последен час, иако веќе е договорен пред заминување од партиското седиште да го пушти ,,белиот дим”. Останатите од врхушката нека му ја мислат!.

На крајот само да резимирам: Да се живее постојано со лага и манипулација е просто невозможно. Не постои таква лага или манипулација врз чии основи или темели би можел да опстане било каков проект или било каква политичка идеа, бидејќи тоа израснува во „чудовиште – монструм„ кое проголтува се пред и околу себе. А креаторот на илузијата му доаѓа на крај, како десерт..