Меџити: Коридорот 8 повеќе не е политичка тема, туку реалност

Сподели

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изврши увид на изградбата на Коридорот 8, на оската Гостивар – Букојчан, што го спроведува конзорциумот „Бехтел и Енка”.  

Меџити, кој беше дел од високата делегација, предводена од  премиерот Христијан Мицковски  и министерот за транспорт и врски Александар Николовски и американската амбасадорка Ангела Агелер, рече дека по многу залудно потрошено време, Коридорот 8 повеќе не е  политичка тема, туку реалност.  

„Денеска имавме задоволство да направиме увид во изградбата на Коридорот 8 во Букојчан, Гостивар, во присуство на премиерот Мицковски и американската амбасадорка Агелер, каде што се работи со полн капацитет, што ми дава надеж дека по неколку години ќе уживаме во резултатите на овој многу важен проект за нашата земја и за целиот регион“, рече првиот вицепремиер Меџити.  

Меџити го изрази своето задоволство што гледа дека првите дела излегле на површина и додаде дека смета оти денеска е затворена темата за Коридор 8, како политичко прашање.  

„Коридорот 8 е приоритет над приоритетите, за развојот на државата, за економскиот развој, а не се сомневам дека со компанијата „Бехтел и Енка“ ќе бидеме сведоци во наредните недели и месеци на нови реализации кон реализацијата на проектот“, рече Меџити и додаде дека Коридорот 8 е повеќе од пат, тоа е проект од кој бенефит ќе имаат сите.