Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид

Сподели

Sv_Sofija_Ohrid

Од денес до 26 јуни, во Охрид се одржува 49. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.

Осумдесет стипендисти од 17 држави ќе бидат дел од годинешниот македонскистички-славистички собир, во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Семинарот се одржува во Конгресниот центар на Универзитетот.

Во рамките на семинарот ќе се одбележат 1100-годишнината од смртта на Св. Климент Охридски, основоположник на Охридската книжевна школа, 70 години од објавувањето на првата граматика на современиот македонски јазик и 70 години од објавувањето на првите книги за деца на современ македонски јазик.

На Семинарот, на 25 и 26 јуни ќе се одржи 43. Меѓународна научна конференција на која македонските и странските експерти пред учесниците на летната школа ќе ги презентираат своите најнови истражувања од областа на македонистиката. Наставата се одвива со секојдневни активности на учесниците насочени кон изучувањето на македонскиот јазик преку лекторски курсеви поделени според степенот на познавање на јазикот.

Годинава активностите на Семинарот ќе ги следат стипендисти од 17 земји, меѓу кои: Канада, Финска, Естонија, Франција, Словенија, Србија, Хрватска, Романија, Унгарија, Русија, Чешка, Полска, Украина, Австрија, Романија, Азербејџан, Кина, Германија.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид