Денеска во Скопје беше отворена дводневната Меѓународна конференција „Ние сме визуелни: Аудиовизуелно образование – иднина или сегашност” што во кино „Фросина” во МКЦ ја организира Фестивалот на документарен филм „МакеДокс”.
На конференцијата, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски потенцираше дека Владата на РМ го поддржува користењето на креативноста, културата и уметноста во едукативни цели, пристап што е вообичаен во модерниот свет.
Во неговото обраќање на почетокот на конференцијата, министерот Алаѓозовски ја поздрави идејата на „МакеДокс” да предлага модерен пристап во слух со времето и успешниот пример како во училниците да се внесуваат иновативни начини на совладување на одредени теми, вештини, знаења и информации.
„Внесувањето на авторскиот – креативен документарен филм во училиштата, покрај информативната вредност носи и сознанија и слики од различни делови од светот, нуди различни перспективи од востановените, поставува прашања, отвора простор за дискусија. Креативната документарна форма е тренд во светот и ние, преку овој пристап на МакеДокс, можеме да се пофалиме дека сме во чекор со тој тренд”, рече министерот Алаѓозовски.
Министерот за култура зборуваше и за глобализацијата која се наметнува по својата комплексност. „Должни сме да ги оспособиме следните генерации за живот во еден многу динамичен, променлив и сложен свет, кој подразбира отвореност, мултикултурност, информираност, приспособливост и доживотно учење. Се бараат и се повеќе ќе се бараат нови парадигми во процесите на учење и поучување”, истакна Алаѓозовски.
На конференцијата, неколку ученици ги пренесоа пораките на своите врсници, а тоа е дека денешните ученици растат во дигитален свет, комуницираат на интернет и информациите ги примаат со сите сетила. Затоа сакаат и наставните содржини да им бидат визуелно презентирани или преку нови и креативни документарци поврзани со темите што ги учат. За да соопштат како би сакале да изгледа часот прикажаа видео – анимација со текст за човековите права, порачувајќи дека такви видеа, какви што прави Мајкл Стивенс, или кратки инспиративни авторски документарци сакаат да бидат дел од предавањата во училиште.
Конференцијата ја поздрави и Ванчо Петрушевски, заменик – директор на Бирото за развој на образованието, кое во соработка со „МакеДокс” спроведоа обуки за употреба на дигитални средства во наставата и издадоа прирачници наменети за наставниците по предметите Граѓанска култура и Социологија.
Анита Стојческа од Агенцијата за филм на РМ препорача и проширување на овие активности – со воведување на филмска писменост како дел од медиумската писменост во училиштата.