По повод Втората парламентарна конференција за меѓурелигиски дијалог во организација на Италијанскиот парламент и Интерпарламентарната унија, со поддршка од „Religions for Peace“, која се одржа од 19 до 21 јуни 2025 г. во Рим, за сите учесници беше организирана заедничка аудиенција кај Папата Лав XIV во Ватикан.

Собранието на РС Македонија беше претставено преку нашата делегација, во состав од пратениците: Бобан Карапејовски, шеф на Делегацијата и пратеничките Ели Панова, Сања Лукаревска и Саранда Имери-Стафаи, членови.
Папата Лав XIV, поздравувајќи ги присутните, меѓу кои беа и италијанската премиерка Џорџа Мелони и претседателот на Домот на пратеници на италијанскиот парламент, Лоренцо Фонтана, ги истакна неговите три приоритети во папското делување: 1) одговорност за заедничко добро, со заштита на ранливите и маргинализираните, 2) верска слобода и надминување на дисбалансот кој предизвикува неправда и 3) употреба на вештачката интелигенција како алатка која не треба да ги намали или укине човековите активности, туку да помогне во нивна оптимизирана реализација. Папата Лав XIV укажа дека секој процес на донесување на одлуки во парламентите треба да го има во фокус елементот кој ги обединува сите граѓани, затоа што природното право мора да биде константно и без исклучоци, согласно Универзалната декларација на ОН за човекови права од 1948 година.

Јубилејната 2025 година, позната и како Света година, ќе се слави во Рим од 24 декември 2024 година до 6 јануари 2026 година. Оваа посебна година за христијаните и особено за католиците, која се одржува на секои 25 години, ќе се фокусира на темите на надежта и на аџилакот. Настанот се очекува да привлече над 30 милиони посетители во Рим, како и организирање повеќе значајни настани од религиозен карактер.
Клучните аспекти на Јубилејот 2025 „Аџии на надежта“ ќе се одбележува со посети на четирите папски базилики во Рим и други значајни христијански места, а светите двери на базиликите, вклучително и на најглавната базилика Свети Петар, ќе бидат отворани и затворани во текот на јубилејната година, симболизирајќи го влезот во периодот на благодатта.
Мотото на јубилејот го одразува акцентот на духовното обновување и патувањето на верата. Јубилејот официјално започна со отворањето на Светата врата во базиликата Свети Петар на 24 декември 2024 година, додека светите двери ќе се затворат на 6 јануари 2026 година, со што ќе се означи крајот на јубилејот.
Во знак на одбележување на јубилејот, за учесниците на Конференцијата беше организирано поминување низ светите двери во базиликата Свети Петар во Ватикан.
